МЕКСИКО СИТИ (АП) - Двајца американски државјани исчезнати по нивното насилно киднапирање минатата недела во северниот мексикански пограничен град Матаморос се пронајдени мртви, а уште двајца се живи, изјави денеска гувернерот на државата.
Гувернерот на Тамаулипас, Америко Виљареал, изјави дека еден од преживеаните државјани на САД е ранет, а другиот не е.
ФБИ во неделата извести дека заедно со мексиканските власти трага по исчезнатите Американци, кои биле киднапирани во петокот.
Набргу по влегувањето во Мексико во петокот, тие биле фатени во вкрстен оган на ривалските картелски групи. На видеото се гледа како вооружени напаѓачи ги натоваруваат во задниот дел на пикап автомобил.
Виљареал ја потврди смртта телефонски за време на утринската прес-конференција на мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, велејќи дека деталите за четворицата киднапирани Американци биле потврдени од обвинителството.
„Од четворицата, двајца од нив се мртви, едно лице е рането, а другото е живо и во моментов брзата помош и остатокот од безбедносниот персонал одат по нив да дадат соодветна поддршка“, рече Виљареал.
Гувернерот не сподели никакви дополнителни детали за тоа каде и како се пронајдени.
Мексиканските власти соопштија дека една Мексиканка, исто така, загинала во вкрстен оган во петокот.
Инцидентот го илустрира теророт што со години владее во Матаморос, град во кој доминираат фракции на моќниот нарко-картел во Заливот, кои често се борат меѓу себе. Поради насилството, илјадници Мексиканци исчезнаа само во државата Тамаулипас.