Линкови за пристапност

Само 2,46 отсто од градоначалниците во Македонија се жени, вели Националниот демократски институт 


57 проценти од жените на работоспособна возраст се изоставени од пазарот на труд и се категоризирани како неактивни, стои во прелиминарното истражување кое денес беше презентирано во Вашингтон
57 проценти од жените на работоспособна возраст се изоставени од пазарот на труд и се категоризирани како неактивни, стои во прелиминарното истражување кое денес беше презентирано во Вашингтон

Триесет и пет проценти од избраните членови на општинските совети во Северна Македонија се жени, додека само 2,46 проценти од градоначалниците се жени, се вели во прелиминарно истражување за родова еднаквост што Националниот демократски институт го спроведе со Реактор, а денес го презентираше во Вашингтон.

Според истражувањето, само 14 држави имаат 50 проценти или повеќе жени во влада, додека Северна Македонија е рангирана на 93 место, со четири жени министерки, две жени заменички на министерки и пет државни секретарки.

Само две од политичките партии моментално во Парламентот имаат жени претседателки, односно ДОМ и Либерално-демократската партија.

„Жените во Северна Македонија пред да станат поактивни во политиката навистина посветуваат внимание на нивното образование. Во повеќето ситуации, жените советнички имаат повисок степен на образование од мажите во ова поле. Жените треба да се докажат пред да добијат шанса да се вклучат во политиката, додека мажите прво добиваат шанса па потоа се докажуваат во политичката кариера“, вели Александра Цветковска, директорка на програмата на Националниот демократски институт во Скопје.

Цветковска вели дека политичкото учество на жените се` уште не е доволно онаму каде што нема квоти, како и дека жените кои се дел од опозицијата на локално ниво се „поотворени да расправаат за теми за жените кои живеат во нивните општини, додека оние на власт повеќе го слушаат нивниот лидер“.

„Феминизам и феминист се` уште се сметаат дека имаат негативно значење од повеќето советници, со исклучок на неколку жени советнички“, рече Цветковска, нагласувајќи и дека жените и мажите советници имаат различно сфаќање за безбедноста за време на кампањи и политичка работа.

Истражувањето потенцира дека е потребно подобрување на родовата статистика релевантна за носење одлуки, вклучувајќи и излезност на избори, како и обезбедување специјални можности за жени во политичките партии и ревизија на процедурите за селекција на политички кандидати.

„Жените политичарки треба да ги интензивираат нивните напори да регрутираат други жени, а женските организации треба да продолжат да бидат центар за идни жени лидерки и да продолжат да ставаат приоритет на охрабрување на жените и нивно вклучување во процесот на носење одлуки“, рече Цветковска.

Прелиминарните наоди од истражувањето нотираат и дека околу 80 проценти од работодавците во Северна Македонија се мажи, додека жените доминираат само меѓу неплатени семејни работници и во ниско платените индустрии, како текстилната и кожната.

„57 проценти од жените на работоспособна возраст се изоставени од пазарот на труд и се категоризирани како неактивни“, стои во истражувањето.

Во него се нагласува дека „жените во Северна Македонија извршуваат 72,5 проценти од вкупната неплатена работа во делот на грижа, додека придонесот на мажите едвај надминува една четвртина од вкупната работа“.

Цветковска нагласи и дека мажите треба да се ангажираат во агендата за родова еднаквост и да работат во поддршка на намалување на родовата разлика во општеството.

XS
SM
MD
LG