Линкови за пристапност

Зеленски побара од ЕУ членство за Украина


Украинскиот претседател им се заблагодари на европските лидери за континуираната помош и рече дека Украина ќе излезе од војната како победник
Украинскиот претседател им се заблагодари на европските лидери за континуираната помош и рече дека Украина ќе излезе од војната како победник

Лидерите на Европската Унија го пречекаа украинскиот претседател Володимир Зеленски со овации, кој побара повеќе оружје во борбата против руската инвазија и почнува разговори за членство во ЕУ.

Во обраќањето пред Европскиот парламент во Брисел, Зеленски им се заблагодари на лидерите на ЕУ за континуираната помош за неговата земја и рече дека Украина ќе излезе како победник од војната и ќе биде дел од ЕУ.

Шефицата на Европскиот парламент Роберта Мецола рече дека го поддржува повикот на Зеленски за поголема поддршка. „Ние ја знаеме жртвата што ја претрпе вашиот народ за Европа и ние мора да ја почитуваме не само со зборови, туку и со дела“, рече таа. „Авионите што ви требаат за да ја заштитите слободата, многумина ги земаа здраво за готово“.

Мецола ги повика земјите-членки на ЕУ да преземат акција.

„Треба да победите и сега земјите-членки мора брзо да размислат следен чекор да биде обезбедување системи со долг дострел и авиони што ви се потребни за да ја заштитите вашата слобода“.

Зеленски рече дека со поддршка од сојузниците, Украинците „се бранат од најголемата антиевропска сила во современиот свет“.

Шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, исто така, денес потврди дека ЕУ планира да испорача поголема воена помош за Украина.

Зеленски беше придружуван од неговиот француски колега, претседателот Емануел Макрон.за да присуствува на самитот на кој ќе се обрати пред парламентот на ЕУ.

Украинскиот лидер е во посета на три држави барајќи поддршка од сојузниците во Европа како што се наближува една година од руската инвазија. Украинските власти рекоа дека очекуваат Русија да одреди нова офанзива на исток околу годишнината на 24 февруари.

Зеленски вчера полета за Лондон за да му се заблагодари на британскиот народ за поддршката во одбранувањето од руската инвазија и рече дека Украина ќе победи во војната.

„Знаеме дека слободата ќе победи, знаеме дека Русија ќе загуби“, рече Зеленски пред британскиот парламент. „Знаеме дека победата ќе го промени светот и ова ќе биде промената што на светот долго му беше потребна. Обединетото Кралство маршира со нас кон најважната победа во нашиот живот“

Зеленски, исто така, се сретна со кралот Чарлс во Бакингамската палата, што беше второ патување на Зеленски во странство од почетокот на руската инвазија. Во декември, украинскиот лидер беше во Вашингтон за да се сретне со претседателот Џо Бајден и да се обрати во Конгресот.

Вчера, пак, Зеленски се состана со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц во Париз.

На борбениот фронт, Украина рече дека Русија го продолжува своето артилериско бомбардирање во источниот регион на земјата.

Руските сили во текот на изминатиот ден, исто така, започнаа големо гранатирање на области во близина на линијата на фронтот во североисточниот регион Харков во Украина, убивајќи 74-годишна жена и ранувајќи 16-годишна девојка во пограничниот град Вовчанск, рече локалниот гувернер Олех Синиебув.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG