Како да станува извесно дека ќе им се забрани влез на бугарски радикали и националисти во земјава за време на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари. Иако тоа владата се уште јасно не го кажува, таков заклучок може да се извлече од денешните изјави на првите луѓе на оваа институција на која Советот за безбедност и предложи преземање вакви мерки со цел да се спречат натамошни провокации зад кои, како што рече шефот на државата, стојат организирани структури поддржани од руските разузнавачки служби.
„Се што е во надлежност на Владата ќе биде направено, со цел да се гарантира мирно и достоинствено одбележување на 4-ти февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев. Тие активности, прогласување за персона нон-грата, се на МВР и се спроведуваат врз основа на законот за странци и одредбите кои регулираат кое лице не може да влезе во државата, а поради активности кои ги нарушуваат односите меѓу државите. Без разлика ако е политичар или друго лице, ако МВР го идентификува таквото лице, тогаш се спроведува процедурата и тоа не може да влезе во државата. Достоинството на нашата држава е врвен приоритет.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.
Позицијата на МВР, кое премиерот го посочи како надлежно, за тоа дали ќе има забрана за влез е дека ќе се знае на денот на одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев.
„Ќе видиме на 4 февруари.“, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Шефот на дипломатијата,пак, смета дека принципиелно треба да им се забрани влез на сите лица кои покажуваат непочитување кон државата и нејзините граѓани.
Ние треба да воведеме принцип, кој ќе навреди на територија на Северна Македонија, ќе негира постоење на македонски народ, или ќе покаже територијални претензии, треба да му се забрани понатамошен влез во Република Северна Македонија.Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија
„Ние треба да воведеме принцип, кој ќе навреди на територија на Северна Македонија, ќе негира постоење на македонски народ, или ќе покаже територијални претензии, треба да му се забрани понатамошен влез во Република Северна Македонија. Секој кој ќе даде изјава која ќе негира суверенитет на една земја и ќе има територијални претензии, истиот ден треба да му се забрани влез. Тоа треба да го знаат сите", истакна Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Додека во Скопје се уште се чека на официјална одлука со која би му се забранил влез и на членот на ЕП, ултранационалистот Ангел Џамбаски, тој најавува дека на 4 февруари ќе се обиде да влезе во земјава. Истовремено му прати закана на претседателот Пендаровски.
„Во однос на предлогот да ми се забрани да влезам во Македонија, нека се присети Стево Пендаровски претседател на Северна Македонија, наречен Стево Коминтерна, дека и во минатото имало личности кои се обидувале да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија. Последниот резултат од таков пример е со југословенскиот, поточно со српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Ако се обидат да ми забранат влез во Македонија нека погледнат во историјата и нека учат од неа.“, оцени Ангел Џамбаски, член на Европскиот Парламент.
На овие закани од Кабинетот на Пендаровски одговараат –
„Немаме дополнителен коментар, што имаше да каже Претседателот на Северна Македонија, тој го кажа по седницата на Советот за безбедност“.