Линкови за пристапност

Владата го задолжи МВР соодветно да го обезбеди претстојното одбележување на раѓањето на Гоце Делчев


Владата, на денешната седница, го задолжи МВР соодветно да го обезбеди претстојното одбележување на раѓањето на Гоце Делчев како што вчера препорача Советот за безбедност. Од владиното соопштение до крај не е јасно дали тоа значи дека полицијата е задолжена и да спречи неколкумина бугарски државјани, вклучувајќи го и европратеникот Ангел Џамбаски, да влезат во земјава за настанот предвиден за 4 февруари.

„На седницата се донесени и заклучоци во врска со одбележувањето на 4-ти февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев. Задолжено е Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот, согласно со препораките од Советот за безбедност...“, се вели во соопштението.

Клучните препораки што произлегоа од синоќешната седница на Советот за безбедност, а ги соопшти самиот претседател Пендаровски, е надлежните институции да преземат мерки за спречување на какви било несакани настани на 4 февруари и да им се забрани влез на бугарски државјани кои се, како што рече, шефот на државата, поврзани со руските разузнавачки служби.

Уште пред владата да информира за заклучоците, Џамбаски прати одговор преку социјалните мрежи.

„Македонија била и е бугарска. Северна Македонија е нешто друго. Заслугата за тоа е на Тито. Со забрани за влез во државата нема да ја избришете вистината“, напиша Џамбаски, продолжувајќи ја провокативната реторика кон земјава.

Тензии меѓу Скопје и Софија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:58 0:00

По петочниот инцидент во Охрид и претепувањето на секретарот на бугарското друштво „Цар Борис Трети“, бугарското МНР реши да го повика својот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов, на консултации во Софија.

„Целта на консултациите е да се разговара за можностите за запирање на опасниот тренд на зголемен притисок врз граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест и за изгледите за натамошен развој на билатералните односи“, стои во соопштението на тамошното МНР.

Во бугарското собрание денеска требаше да се дебатира за односите со земјава по серијата настани кои го оптоварија билатералните односи меѓу Скопје и Софија. Но, оваа точка беше тргната од дневниот ред зашто шефот на дипломатијата, Николај Милков, не можел да присуствува поради службено патување. Тој е во Брисел каде, на министерски состанок, меѓу другото го отворил и прашањето за македонско-бугарските односи.

„ Ги информирав колегите министри за тоа што се случи во Охрид, но во еден поширок контекст. Не стана збор само за тој инцидент, стана збор за тоа дека имаме ескалација во односите, една ескалација на притисок на правата на тамошната бугарска заедница“, рече Николај Милков, техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија.

Додека Бугарија се обидува на ова прашање да му даде европска димензија, во македонското собрание засега нема план да се расправа за нарушените релации меѓу Скопје и Софија. Претседателот на парламентот, на денешниот брифинг, рече дека не гледа причина да го повика шефот на дипломатијата да реферира пред пратениците. Џафери тоа го образложи со, како што рече, фактот дека министерот Османи, „секогаш доаѓал на комисии и сите одговори за оваа тема можел таму да ги даде“.

XS
SM
MD
LG