Европската интеграција, уставните измени, претседавањето со ОБСЕ, стабилноста на регионот, справувањето со енергетската криза биле дел од темите за кои денеска во Скопје разговараа премиерот и дел од министрите и советникот на советникот на Стејт Департментот придружуван од неговиот тим.
На она што Ковачевски го нарече, добар состанок, клучно прашање било борбата против корупцијата и како да се зајакнат мерките за нејзино спречување.
„Ние имаме позитивни работи кои се однесуваат на зголемувањето на независноста на судството, во зголемувањето на перформансите во борбата против корупцијата и тоа на високо ниво, зашто постојат вакви случаи кои се адресирани од правосудните органи и секако дека во иднина, со нашите партнери, ќе работиме на постојано на унапредување на перформансите на правосудниот систем.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.
Други детали околу антикорупциската борба премиерот не спомена, а медиумите не ја слушнаа ниту американската позиција зашто Шоле, веднаш по средбата, замина од владата без да даде изјава. Ковачевски тврди дека на состанокот не станало збор за евентуално дополнување на т.н американска „црна листа“. Според него, Вашингтон го поддржува процесот на пристапување кон ЕУ кој зависи и од уставните измени.
„Во однос на уставните измени, како и секој претставник на САД, не само за таа, туку и за сите одлуки што сме ги имале, бидејќи уставните измени нема да биде последна одлука до зачленувањето во ЕУ, секогаш сме имале поддршка зашто нема друга алтернатива за зачленувањето во ЕУ. За тимот на санкции кој беше во Скопје, не разговаравме за тоа што тие го работеле.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија
Се спомна ли фамозната црна листа?
„Не, за тоа не разговаравме.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.
Шоле, кому Македонија му беше прва дестинација на регионалната посета во која се предвидени и средби во Приштина и во Белград, од Скопје си замина со дрес од македонска репрезентација со неговото име.