Линкови за пристапност

Посетата на САД донесе добри резултати, рече Зеленски


Британското министерство за одбрана, пак, денес соопшти дека на рускиот претседател Владимир Путин му биле „претставени планови за проширување на руската војска за околу 30 проценти“
Британското министерство за одбрана, пак, денес соопшти дека на рускиот претседател Владимир Путин му биле „претставени планови за проширување на руската војска за околу 30 проценти“

Во своето ноќно видеообраќање, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека неговото кратко патување во САД за време на војната донело „добри резултати“.

„Се враќаме од Вашингтон со добри резултати, со работи кои навистина ќе помогнат“, рече Зеленски на видеото објавено на неговиот профил на Телеграм.

Тој, исто така, им се заблагодари на американскиот претседател Џо Бајден и на американскиот Конгрес за поддршката во борбата на Украина против Русија, која ја нападна земјата пред речиси 10 месеци.

Зеленски во средата ги посети САД, приватно се сретна со Бајден, а подоцна се обрати на заедничката седница на Конгресот.

За време на неговата посета, Бајден најави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 1,8 милијарди долари, кој вклучува ракетна батерија „Патриот“, едно од најмоќните оружја досега доставени до Киев.

Покрај тоа, американскиот Сенат вчера одобри Предлог-закон за трошоци од 1,7 трилиони долари, од кои Украина може да добие дополнителна помош од 44,9 милијарди долари.

Предлог-законот сега оди во Претставничкиот дом.

Британското министерство за одбрана, пак, денес соопшти дека на рускиот претседател Владимир Путин му биле „претставени планови за проширување на руската војска за околу 30 проценти, до 1,5 милиони персонал“.

Министерството соопшти дека предлогот бил даден во средата и дека „рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу објаснил дека проширувањето ќе вклучи најмалку две бригади во северозападна Русија, кои ќе прераснат во дивизиска сила“.

Министерот за одбрана го оправда потегот наведувајќи ја „наводната закана од пристапувањето на Финска и Шведска во НАТО“.

„Ова претставува еден од првите сознанија за тоа како Русија се стреми да ги прилагоди своите сили на долгорочните стратешки предизвици кои произлегуваат од нејзината инвазија на Украина“, се вели во британското соопштение, во кое се додава: „Останува нејасно како Русија ќе ги најде регрутите за да го заврши таквото проширување во време кога нејзините сили се под невиден притисок во Украина“.

Дел од информациите се преземени од Асошиетед прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG