Линкови за пристапност

Дел од работната сила од Украина, почна со работа во сестринските компании во Северна Македонија


Дел од странските компании во технолошко индустриските развојни зони во Северна Македонија ги отворија вратите за работници од Украина, од нивните сестрински фирми во кои поради војната таму или прекинаа со производствените процеси или го намалија обемот на производство. Кај некои каде нема преземање на опрема или работници, има преземање на дел од проектите кои ги реализираат нивните сестрински компании во Украина, вели за Глас на Америка директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

„Конкретно во ОДВ Електрик во зоната во Струга имаме околу 90 луѓе, кои се преземени и кои работат во оваа фабрика тука. Тоа значи и зголемен обем на работа на самата фабрика. Неодамна постигнавме договор со фабриката за дополнителна инвестиција, која во поголем дел се должи и на преземањето на добар дел од капацитетите од Украина. Уште една компанија во технолошката зона во Прилеп, покрај работна сила има преземено и дел од проектите од својата сестринска компанија од Украина. Станува збор за компанијата Гентерм“, вели тој.

Според него поради актуелната криза таму, доста странски компании од тој дел на Европа, се интересираат своите капацитети да ги префрлат овде.

„Можам да кажам дека имаме сериозно зголемен интерес и од стопански комори но и од консултантски компании, кои работат на промоција на инвестиции во регионот на Централна и Источна Европа, кои бараат податоци за условите за вложување во Северна Македонија. Добар дел се должи и на тоа што дел од поголемите меѓународни компании кои се присутни во Украина или кои размислувале за инвестирање во Украина или во тој дел на Европа го менуваат својот фокус и се повеќе размислуваат за регионот на Западен Балкан во чии што рамки сме и ние“, вели Деспотовски.

Но, не е само Украина во прашање, сите земји од тој регион се засегнати од случувањата таму вели Деспотовски.

„Очекувам дека трендот ќе продолжи и во 2023 година. Се ќе зависи од тоа како се одвива целата ситуација во тој дел на Европа. Членството на Македонија во НАТО секако дека и носи придобивки во тој контекст, пред се заради засиленото ниво на безбедност и пониските ризици поврзани со стабилноста и безбедноста. Со дел од компаниите со кои разговараме, не е поврзана одлуката за инвестирање исклучиво за самата Украина, туку веќе безбедносните ризици ги гледаат и во контекст на останати земји, Полска, Чешка, Романија. Значи сето тоа што е и во близина на воениот конфликт, очигледно придонесува, овие компании да ги ревидираат своите инвестициски планови и се определуваат за постабилно подрачје“, вели тој.

Во однос на евентуално нови даночни погодности, за оние кои сакаат да инвестираат во зоните, а со оглед на најавените даночни реформи во земјава, тој вели дека пристапот кон нив останува ист.

„Пристапот не го менуваме во тој сегмент. Напротив не сметам дека засилениот инвестициски бран се должи исклучиво на прилив на компании од Украина и од Централна и Источна Европа, така што немаме причина да менуваме, односно да обезбедуваме дополнителни поволности за странските компании. Стандарден е пристапот за инвестирање во технолошко индустриските развојни зони, кој што меѓу другото нуди, максимум до десет години ослободување од персонален и од данок на добивка, го задржуваме секако. Но го променивме односот во делот на доделување на државна помош, имаме целосно нова методологија, која предвидува компаниите да имаат подеднаков третман без разлика дали станува збор за постојан инвеститор или нов инвеститор. Поминуваат низ процес на скрининг и врз основа на податокот кој што ќе го добиеме од тоа, разработуваме различен вид на пакети“, вели Деспотовски.

За овие луѓе, ова е одлична можност да ги задржат своите работни места но и да заработат. Оние кои се во компанијата во Охрид за нив организираат прошетки низ Охрид како и други активности, со цел барем за момент да заборават на случувањата во нивната држава.

XS
SM
MD
LG