Јасна и очекувана порака – тоа се дел од коментарите на познавачите на политичките состојби по денешниот настап на Лоранс Бун, француската државна секретарка за Европа. Изјавите на високата дипломатска претставничка, чија посета е прва по јулскиот договор, не се изненадување зашто, како што велат нашите соговорници, тие се само продолжување на политиката на официјален Париз кој директно го олеснуваше процесот меѓу Скопје и Софија што резултираше со почеток на преговорите за членство.
А Бун во земјава дојде да испорача три пораки – првата е за пријателството меѓу двете земји, втората е за зајакнување на заедничкиот ангажман, а третата, можеби и клучната, дека Скопје треба до крај да го изоди патот почнат со францускиот предлог.
„Франција придонесе за деблокирање на состојбата, да и помогнеме на Северна Македонија да има европска перспектива. Ќе продолжиме да ја придружуваме во овој амбициозен проект со крајната цел до 2030 година. Праведно е ако се каже дека навистина направивте многу за пренесување на европското законодавство во домашното. Договорот постигнат за време на француското претседателство го отвори патот за членство во ЕУ, изјави Лоранс Бун, француската државна секретарка за Европа.
Денеска, она што ние сакаме да го кажеме е дека патот треба до крај да се изоди. Знам дека не е секогаш лесно, но тие напори се важни за да може да се зајакне и правната држава.“
Бун директно не ги спомена уставните измени, но јасно навести какви се очекувањатаa. Истовремено, потврди дека Париз има, како што рече, доверба во амбицијата и целта на земјата и на владата за план за влез во Унијата до 2030 година. Премиерот, пак, во обраќањето пред Бун, самиот го отвори прашањето на уставни измени. Ковачевски се надева дека пратениците ќе бидат на „ниво на задачата“.
„Останува следниот чекор - уставните измени, знам дека одлуката на пратениците не е лесна, но очекувам да покажат државничко однесување и ќе овозможат земјата да се движи по европскиот пат. Секако дека имаат избор да остават се како што било, да ја остават земјата во стагнација и неизвесност, но уверен сум дека ќе бидат на ниво на задачата со цел подобра иднина за сите нас и за идните генерации. Пратениците се претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да бидат дел од ЕУ заради севкупните општествени придобивки, економскиот напредок и демократијата.“, истакна Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.
Малку е веројатно дека овие повици ќе допрат до сите пратеници од опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ и Левица, и покрај пораките од меѓународната заедница, засега се цврсто против уставни измени заради внесување на Бугарите, процес за чие финиширање е потребна двотретинска поддршка во парламентот.
„Требало тие што се одлучиле на таква политика да водат сметка пред да потпишуваат договори дека немаат простор за таков маневар. Нема таков политички маневар и ќе нема уставни измени.“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.