Линкови за пристапност

Ковачевски и Рама потпишаа договори за унапредување на Отворен Балкан


И двајцата премиери беа јасни дека целта и за Скопје и за Тирана е членство во ЕУ – рокот за тоа, според Ковачевски, е 2030 година
И двајцата премиери беа јасни дека целта и за Скопје и за Тирана е членство во ЕУ – рокот за тоа, според Ковачевски, е 2030 година

Евроинтеграции, одбрана, безбедност, инфраструктура, енергетика, култура, борба против меѓународен криминал, железничко поврзување.... Во овие сфери Северна Македонија и Албанија потпишаа договори и меморандуми на денешната заедничка владина седница, втора од ваков вид, која се одржа во Скопје.

И Димитар Ковачевски и Еди Рама порачаа дека ова е само потврда на новиот дух на соработка меѓу земјите од регионот и продолжување на унапредувањето на партнерството од Отворен Балкан.

Но, и двајцата премиери беа јасни дека целта и за Скопје и за Тирана е членство во ЕУ – рокот за тоа, според Ковачевски, е 2030 година. Свесен е дека една од големите пречки на тој пат во оваа фаза се уставните измени.

„И ЕУ ги гледа нашите заложби за економски развој и таа конечно сфати дека нејзин стратешки и безбедносен интерес е Западен Балкан да биде дел од Европа, дека земјите од регионот имаат демократски и прогресивни раководства и дека сега е моментот да се осигура заокружувањето на европското семејство. Овој моментум ние не смееме да го пропуштиме и ние досега ги исполнивме сите ветувања. Отворањето на преговорите е огромен успех за сите нас. Признанието од ЕУ за македонскиот јазик и идентитет беше многу важно, преговорите беа тешки и мачни, но успеавме да го постигнеме она за што се боревме. Сето ова отвори простор за ние да ги преземеме преостанатите чекори кои следат во парламентот се` со цел да ги заокружиме пристапните преговори со ЕУ до 2030 година. Нема простор повеќе за оправдување. Очекувам сите пратеници да бидат на ниво на задачата, да покажат одговорност и да продолжиме кон ЕУ“, рече Ковачевски.

За опозицијата вели дека е деструктивна – лидерот на Левица, Апасиев, го нарече политички пироман, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ негов заложник кој, според Ковачевски, е човек без став, визија и одлучност.

Сепак, премиерот е оптимист дека собранието има капацитет да донесе одлука за продолжување на европскиот пат. И Еди Рама смета дека тоа е единствениот правец за земјава – да гледа напред, а не назад. Албанскиот премиер, во обраќањето, рече дека едно од главните прашања во моментот, за двете земји, е енергетиката.

„Хидроенергија, сончева енергија, течен гас, во овој сегмент имаме најавено голем број партнерства. Со премиерот зборувавме за оваа тема и убедени сме дека единството е силата. Ние овде на Балканот немаме сметка да се занимаваме со минатото, но иднината ни е малку тешка и опасна. Треба да се подготвиме, да научиме да живееме во свет на глобални закани и актуелните проблеми ќе ги надминеме со синергија и заедничко работење во делот на енергетиката, храната, инфраструктурата...“, рече Рама.

Еден од договорите кои денеска беа потпишани се однесува на соработка за враќање на незаконски изнесени икони. Со документот се овозможува враќање на 21 икона во манастирите во земјава.

XS
SM
MD
LG