Линкови за пристапност

Зголемена нуклеарна закана во светот и улогата на САД во справување со неа


Никој не се сомнева дека САД имаат најмоќна армија, но Путин покажа способност да го поремети светскиот поредок, рече Потсекретарот за одбранбена политика на САД, Колин Кал

Oдделот за одбрана на САД на 27 октомври ја објави Националната стратегија за одбрана за 2022 година, каде Народна Република Кина беше идентификувана како главен стратешки конкурент и предизвик за САД, а Русија како акутна закана.

Во документот најдоа место и зголемените ризици од Северна Кореја и Иран, и насилните екстремистички организации и новите предизвици како што се климатските промени, со кои САД паралелно се справуваат.

Во Институцијата Брукингс во Вашингтон да зборува на оваа тема беше поканет Потсекретарот за одбранбена политика на САД, Колин Кал.

Според него Кина има способност да ја предизвика меѓународната јавност, но и Соединетите држави не само технолошки и економски, туку и дипломатски, што не е случај со Русија, зашто Русија не е развиена до таа мера но има можност деструктивно да дејствува.

„Русија едноставно нема способност да го промени меѓународниот поредок на начин на кој тоа го прави Кина. Сепак, има способност да го разнесе светот. Владимир Путин се покажа како неодговорен и способен за погрешна пресметка со што директно го загрозува безбедносниот поредок во Европа и пошироко преку неговата агресија кон Украина“, вели Кал.

Некои републиканци велат дека ова е изговор од администрацијата на Бајден да не ја финансира адекватно одбраната на САД и наместо тоа државата се потпира на вооружените сили за одвраќање од војна.

Потсекретарот Кал не се согласува со ова, потенцирајќи го предложениот воен буџет на администрацијата на Бајден од 773 милијарди долари. Но, според него, и покрај големиот потенцијал кој го има Кина последните 10 години, сепак армијата на САД е најмоќната војска во светот.

„Соединетите Американски Држави остануваат најмоќната воена сила во светот. Јас сум убеден дека ќе ја одржиме таа предност. Јазот се затвори. Никој не треба да се сомнева дека САД имаат најспособна војска во светот. Исто така, не мислам дека Кина се сомнева во тоа, мислам дека и Кина е сосема свесна за нашите способности“, вели Кол.

Вишиот соработник за надворешна политика на Центарот за безбедност, стратегија и технологија, и контрола на оружјето Строб Талбот, Роберт Ајнхорн, вели дека инвестициите треба да се насочат и кон технологија за контрола на оружјето.

„Сметаме дека е важно да се инвестира во технологија за нуклеарна верификација. Светот се промени. Русија и Кина го прошируваат својот нуклеарен арсенал. Се чини дека тие ја зголемуваат нивната зависност од нуклеарно оружје. И двете дејствуваат агресивно, но не само тие. И Северна Кореја е агресивна во својот регион. Потребна е барем мала доверба меѓу преговарачите, но довербата е целосно изгубена“, вели Ајнхорн.

Колку САД и светот ќе можат да се справат со контролата на нуклеарно оружје останува нејасно, но желбата на светското население е да живее во мир и свет без војни и опасност од нуклеарна војна.

XS
SM
MD
LG