Линкови за пристапност

Бајден ги повика нафтените компании да престанат да профитираат од војната во Украина


Претседателот на САД рече дека ако компаниите не го зголемат производството ќе плаќаат повисок данок и ќе се соочат со други ограничувања
Претседателот на САД рече дека ако компаниите не го зголемат производството ќе плаќаат повисок данок и ќе се соочат со други ограничувања

Претседателот на САД Џо Бајден ги повика компаниите за нафта и гас да ги искористат своите рекордни профити за да ги намалат трошоците за Американците и да го зголемат производството, или да плаќаат повисока даночна стапка.

Бајден ги критикуваше големите нафтени компании кои прават големи профити додека Американците, уморни од инфлацијата, плаќаат многу пари за да ги наполнат своите автомобили.

Нафтената индустрија „не ја исполни својата заложба да инвестира во Америка и да го поддржи американскиот народ“, рече Бајден, нагласувајќи дека овие компании прават „профит толку висок што е тешко да се поверува“.

Тој рече дека имаат одговорност да дејствуваат.

„Мислам дека тоа е срамота“, изјави Бајден.

„Ако тие профити ги пренесат на потрошувачите, цените на бензинот би биле намалени за околу 50 центи“.

„Ако не го сторат тоа, тие ќе платат повисок данок на нивниот вишок профит и ќе се соочат со други ограничувања“, рече Бајден.

„Белата куќа ќе работи со Конгресот за да ги разгледа овие и други опции. Време е овие компании да престанат со воено профитерство“.

Бајден нагласи дека ако нафтените и гасните компании не ги намалат трошоците за Американците и ако не го зголемат производството, тој ќе го повика Конгресот да размисли да бара нафтените компании да плаќаат даночни казни и да се соочат со други ограничувања.

Претседателот го одржа настанот една недела пред Американците да одлучат дали демократите ќе ја задржат контролата во Конгресот на САД.

Глобалните енергетски гиганти, вклучително и Exxon Mobil Corp. и Chevron Corp., забележаа уште една рунда огромни квартални профити, користа од зголемените цени на природниот гас и горивото што ја поттикна инфлацијата ширум светот и доведе до нови повици за дополнително оданочување на секторот.

Белата куќа со месеци ги разгледуваше предлозите на Конгресот кои би можеле да го оданочат профитот на производителите на нафта и гас додека потрошувачите се борат со повисоките цени на енергијата.

Британските пратеници во јули одобрија данок од 25 отсто за производителите на нафта и гас во британското Северно Море, кој се очекуваше да собере 5,95 милијарди долари за една година за да им помогне на луѓето кои се борат со зголемените сметки за енергија.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG