По две години низок број на случаи на грип за време на пандемијата на ковид-19, Центарот за контрола и превенција на болести на САД(ЦДЦ), предупредува на можеби сурова сезона на грип.
„САД доживеаја релативно мала активност на грип од 2020 година, делумно благодарение на рестриктивните мерки што се користат за контрола на ширењето на ковид-19, што ја прави земјата зрела за тешка сезона на грип“, изјави ЦДЦ за Гласот на Америка.
Според ЦДЦ, грипот веќе се шири во делови од југот, со релативно високи нивоа на активност во Џорџија и Тексас, во споредба со истиот период минатата година.
Иако сезоната на грип во САД штотуку започнува, „врз основа на она што го видовме во делови од јужната хемисфера, грипот има потенцијал да не` погоди силно оваа година“, изјави неодамна доктор Вилијам Шафнер, медицински директор на Националната фондација за инфективни болести.
Сезоната на грип во Австралија ја погоди земјата два месеца порано од вообичаеното и предизвика една од најлошите сезони во последниве години, со трипати поголем број на заразени од просекот, според Одделот за здравство и нега на стари лица на австралиската влада. Грипот особено ги погоди помладите во Австралија.
Иако ковид-19 е релативно благ за помладите луѓе, експертите предупредуваат дека децата може да бидат изложени на особено висок ризик оваа година.
Тоа е затоа што многу деца не биле изложени на грип поради мерките за заштита од ковид, вклучително и употреба на маски, учење на далечина и социјално дистанцирање преземени во последниве години, оставајќи ги без природен имунитет.
Грипот А, кој предизвикува посериозни болести од другите видови на вирусот, е позастапен оваа година, покажуваат податоците на ЦДЦ. Исто така, се шири околу два до трипати побрзо од инфлуенца Б.
Иако симптомите се слични на оние на обичниот грип, тие обично се поинтензивни и почнуваат понагло. Симптомите вклучуваат симптоми на обична настинка, како што се кашлица или течење на носот, но исто така се движат до симптоми како треска или болки во телото. Некои луѓе исто така доживуваат повраќање или дијареа, иако тоа е почеста кај децата отколку кај возрасните.
ЦДЦ апелира Американците на возраст од 6 месеци и постари да добијат вакцина против грип до крајот на октомври.
Експертите велат дека тоа е најдобриот начин за заштита од оваа болест.
„Во текот на изминатите две години, видовме некои загрижувачки падови во опфатот со вакцинација против грип, особено кај некои групи на луѓе кои се изложени на најголем ризик да развијат сериозна болест од грип“, рече директорката на ЦДЦ Рошел Валенски за време на прес-конференција на почетокот на овој месец.
Здравствените власти стравуваат дека помалку луѓе ќе сакаат да се вакцинираат поради негативното расположение кое се зголеми за време на пандемијата.
Националната фондација за заразни болести откри дека помалку Американци изјавиле дека ќе примат вакцина против грип во споредба со годините претходно.
ЦДЦ, за Гласот на Америка, рече дека за да се избегне грипот, „луѓето треба да продолжат да ги практикуваат секојдневните превентивни активности за кои видовме дека функционираат толку добро за време на пандемијата, како што се социјално дистанцирање, често миење раце, останување дома кога сте болни и покривање при кашлање“.
„Со потенцијално тешка сезона на грип што претстои, ги повикувам сите да се заштитат себеси и своите семејства од грип и неговите потенцијално сериозни компликации“, рече Валенски.