Економската криза ќе продолжи најмалку до напролет. Не треба да мислиме дека таа ќе застане туку така, вели економскиот аналитичар Љупчо Зиков. Според него, синџирите на дистрибуција на разни суровини и готови производи во светот се нарушени и таа состојба предизвикува зголемување на цените, односно инфлација.
„Инфлацијата очекувам да продолжи уште еден извесен период, можеби тоа ќе биде до пролет. Потоа очекувам напролет стагнирачки дел на инфлацијата со трендови на намалување“, вели Љупчо Зиков, економски аналитичар.
Но универзитетскиот професор, Анастас Џуроски не е оптимист дека работите ќе се променат во брзо време.
„Ваквата рецесија има повеќе изгледи дека ќе се трансформира во криза отколку дека состојбите ќе се нормализираат. Од ваквата ситуација, сите држави во светот ќе извлечат штета. Глобалната економија ќе претрпе штета, а секако помалите економии тука ќе бидат повеќе погодени“, истакна Анастас Џуроски, универзитетски професор.
Она што Северна Македонија треба да го направи периодов, е поитно решавање на енергетските предизвици и обезбедување струја за зимава, вели Зиков. Тој смета дека треба да се направи напор да се купат поголеми количини на струја од соседите, кои располагаат со такви можности. Но овде се јавува друг проблем, вели тој.
„Тоа е дека преносните капацитети се послаби во околните земји и кај нас, па не знаеме да ја пренесеме. Нормално енергетската криза ќе предизвика и економска криза, бидејќи големи буџети ќе се одделат за надминување на енергетскиот проблем, а веројатно е дека земјава ќе дојде и во некоја фаза на ново задолжување. И тоа не треба да не плаши, напротив треба да го одиграме машки, да се задолжиме но во строго таргетирани цели“, коментира Љупчо Зиков, економски аналитичар.
Џуроски, пак, вели дека за ублажување на кризата, државата треба да примени четири сет мерки, во делот на пазарот на енергенси, храна, директна финансиска помош за најранливата категорија граѓани и борбата со инфлацијата преку зголемување на основните каматни стапки на Централната банка, се додека не се појават првите знаци на закрепнување.
„Инвестициите во енергетиката во иднина, во делот на капиталните инвестиции, треба да бидат приоритет број еден, бидејќи цените на електричната енергија надвор од ова состојба, ќе продолжат да растат, онака како што се развива третиот свет, онака како што доаѓаат нови и нови потреби и побарувачка на електрична енергија. Ние имаме ресурси кои не се доволно искористени, особено во делот на алтеративни ресурси, односно сонце, ветер“, додава Анастас Џуроски, универзитетски професор.
Зиков препорачува, главната цел на економската политика овие години треба да биде одржување во добра состојба на малите и средни компании, кои го држат работниот потенцијал.