Американскиот долар изминатиот период руши рекорди во однос на еврото и е на највисоко ниво во последните пет години. Еден долар во земјава се менува и за 62 и за 63 денари.
Ситуацијата на јакнење на доларoт, започна минатата година и се должи пред се на извонредните перформанси на американската економија, која во 2021 година забележала пораст за 4% на БДП, а невработеноста се намалила на 3,5% велат познавачите на приликите.
„Во такви услови нормално да се појави инфлација и таа настапи во септември минатата година. Федералните резерви започнаа да реагираат со интензивна кампања на зголемување на каматните стапки. И сега основниот бенчмарк на американскиот долар е 3,25 %. Со тоа што ФЕТ- федералните резерви, најавија дека и понатаму ќе ги зголемуваат каматните стапки се додека инфлацијата не падне на пожелното ниво од 2%. Проценките се дека зголемувањата на каматните стапки ќе одат до опсегот 4,50 до 5%“, вели Бојан Цветановски, претседател на здружение на финансиски пазари – АЦИ.
Причината за ваквата состојба, објаснува Цветановски, лежи и во војната во Украина, која предизвикала одредена безбедносна акција на финансиските пазари.
„Инвеститорите почнаа еврата да ги префрлуваат во американски долари или во швајцарски франци. Секогаш кога во светот имаме безбедносна криза, или било каков друг потрес, инвеститорите се ориентираат кон американскиот долар или швајцарскиот франк. Со тоа што сега во последниот период се интензивира во тој удел на пораст на американскиот долар и безбедносниот аспект“, додава тој.
Според Цветановски, овие циклуси на промена на курсевите се нормални.
„Сега примарно како последица, ќе биде тие стоки што се плаќаат во американски долари ќе поскапат. Претежно трговијата со Кина оди во американски долари, значи увозот од Кина ќе поскапи. Тоа се однесува и за македонскиот пазар? Да секако“, вели Цветановски.
Од Народна банка велат дека повисоките каматни стапки во САД во споредба со ЕУ (за која и ризиците во однос на економскиот раст се поизразени, поради посилните економски врски со Украина), како и поради тоа што во периоди на поголема неизвесност вообичаено расте склоноста за располагање со долари, ја зголемуваат привлечноста на доларот за инвеститорите. Поради тоа курсот на доларот во однос на еврото апрецира, а апрецира и во однос на денарот, бидејќи девизниот курс на денарот е врзан за еврото.
„Позначајни ефекти врз нашата економија не се очекуваат, со оглед на малото значење на американскиот долар за нашата економија. Учеството на долгот изразен во долари е само 7,8% од вкупниот надворешен долг. Во однос на надворешната трговија на нашата економија, само околу 9% е во американски долари“, велат од Народна банка на Република Северна Македонија.
Засега, имајќи ја предвид методологијата за одредување на малопродажните цени на нафтените деривати на домашниот пазар, движењата на доларот, подиректно се одразуваат врз промените на цените на горивата кај нас, велат од НБРМ.
Уверуваат дека девизниот курс на денарот во однос на еврото се одржува на стабилно ниво, а девизните резерви, во чија структура доминира еврото биле на високо и безбедно ниво.