Линкови за пристапност

БЕГ вели дека нема обврска да ги грее скопјани, Владата и Регулаторна го тврдат спротивното


Договорите се истечени, одземена е лиценцата и раскинат е закупот на двете топлани „Исток“ и „Запад“, велат од БЕГ. Владата и Регулаторна на иста линија - додека ЕСМ не ја добие лиценцата БЕГ мора да испорачува топлинска енергија. Двете приватни компании БЕГ и ТЕ-ТО немаат залихи на гас за производство на струја и топлинска енергија. „Адора“ сопственикот на топланите останува цврсто на ставот – само продажба не и изнајмување на нашите капацитети доаѓа предвид


СКОПЈЕ – БЕГ, фирмата која досега ги снабдуваше скопјани со топлинска енергија и на која и е одзeмена лиценцата за работа, контра вицепремиерот Битиќи. Оттаму тврдат дека ниту имаат законска обврска ниту имаат можност да испорачуваат топлинска енергија на скопјани во претстојната грејна сезона.


Од компанијата посочуваат дека по одземањето на лиценцата на 20 јуни имале законски рок од 90 дена да ја извршуваат дејноста кој истекол, а во кој период се направени ремонти во топланите „Исток“ и „Запад“. Од БЕГ се децидни дека договорот за закуп на топланите „Исток“ и „Запад“ со фирмата сопственик - „Адора“ е раскинат, а договорот со ЕСМ е истечен.


„БЕГ – Производство имаше законска обврска да продолжи да ја извршува дејноста, до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен. Во овој период БЕГ Производство продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите. БЕГ Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите“.

„На 20 јуни година Регулаторната комисија (РКЕ) донесе решение за престанок на лиценцата на БЕГ - Производство. Во врска со договорот за деловно – техничка соработка помеѓу БЕГ – Производство и АД ЕСМ сакаме да ја информираме јавноста дека овој договор беше со важност до 31март и е истечен“, соопштија од БЕГ.

Реакцијата на БЕГ доаѓа по изјавата на вицепремиерот за економски прашња Фатмир Битиќи кој беше дециден дека до комплетирање на лиценците за работа на трите компании на ЕСМ, БЕГ е должен според закон да испорачува топлинска енергија и да чува залихи на енергенси за производство – гас и мазут.

„Во овој момент, БЕГ, на кој му се одземени лиценците, се додека не се избере нов економски опертатор, мора да испорача услуга кон граѓаните. БЕГ според законот мора да има резерви на гас и мазут за да обезбеди топлинска енергија“, изјави Битиќи викендов.

Од Владата со уверување, скопјани ќе имаат парно греење, се финализираат преговорите за да може ЕСМ да преземе и се работи на обезбедување на потребните енергенси за поризводство по најповолна цена.

„Во овој момент се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука на Владата за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат истите, јавноста ќе биде навремено известена. Граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно. Владата заедно со ресорните институции постојано работи на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. Конкретно, се бара најдоброто решение за обезбедување на најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното“, стои во официјалнот соопштение од Владата

Се огласија и од Регулаторната комисија од каде соопштија дека до избор на нов вршител, БЕГ ја има обврската да испорачува топлинска енергија.

„Ве информираме дека Законот за енергетика , кој доби и зелено светло од Енергетска заедница во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата по однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека се до избор на нов вршител на посочената енергетска дејност, на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување на јавна дејност. Обврската за вршење на јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца (во случајов нов вршител на јавна дејност)“, информираат од Регулаторна.

За да може ЕСМ да ги преземе обврските на БЕГ и да ја добие лиценцата за третата компанија „ЕСМ Производство“ и со тоа да ги отклони сите законски пречки и да обезбеди парно греење за речиси 60 илјади домаќинства зимава потребно е да постигне договор со „Адора“ која е сопственик на топланите „Исток и „Запад“. Владата инсистира на закуп, а „Адора“ на продажба по истата цена по која беа купени – 9,2 милиони евра - а денеска немало никакви контакти или преговори по ова прашање.

Она што е клучно е дека БЕГ нема залихи на енергенси за производство на топлинска енергија, а истото се однесува и на ТЕ- ТО, со кој Владата сеуште нема договор за соработка, а кој има гас за до крајот а месецот и нема планирана или договорена нова набавка на нови количини.

Стартот на грејната сезона официјално е на 15 октомври. Доколку нема решение без парно греење покрај домаќинствата ќе останат и училишта и државни институции.

XS
SM
MD
LG