Линкови за пристапност

Трка со времето во потрага по договор за гас и струја


Владините претставници продолжуваат со посети на соседните држави и државите во регионот во потрага по енергенси и струја. Во игра влегува и набавка од Турција откако не се постигна договор за цената на струјата која би ја купувале од Бугарија. Србија вети гас но испораката и користење на гасоводот на „Гаспром“ може да наиде на проблеми. На дваесетина дена пред официјалниот старт на грејната сезона виси и парно греењето за скопјани. Кризната состојба во енергетскиот сектор истекува на крајот од месецот. Во Собранието кое единствено е надлжено да ја продолжи жестока дебата меѓу пратениците од мнозинството и опозицијата



ИСТАНБУЛ – По Србија, Бугарија и Грција, владин тим денеска е во Турција каде ќе се обиде да обезбеди купување и испорака на енергенси во претојниот кризен период. Тимот кој го сочинуваат министерот за економија, Крешник Бектеши, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, на МЕПСО - Орхан Муртезани и на НЕР – Бајрам Реџепи имаа средби со претсавниците на турската државна компанија „Боташ“ чија примарна дејност е продажба, испорака и складирање на природен гас. Доколку се постигне договор за купиување и испорака, за транспорт би се користел гасоводот „Турски тек“ и краците кон Бугарија или Грција а тоа ќе биде клучно и од тоа ќе зависи цената и количината која би се набавила, но сепак последен збор ќе има македонската Влада.

Обидот за договор во Турција доаѓа откако е ставен на чекање договорот со Бугарија за набавка на струја во наредните шест месеци поради разлики во цената која е понудена од бугарска страна и цената која македонската страна е подготвена да ја плати. Министерот Бектеши објасни дека договор не е постигнат бидејќи се чека Европската комисија да ги најави новите мерки со кои се очекува цената на струјата да се ограничи на 180 евра за мегават час.

Струјата која евентуално би се купувала од Бугарија би била наменета за големите индустриски капацитети.

Турција, е четвртата дестинација која ја посети економско енергетскиот тим на Владата или пак премиерот Ковачевски во потрага по неопходните енергенси за производство на струја. Со Србија е договорена испорака на гас и стабилност на мрежата во случај на испади или хавари и отворена прекугранична мрежа. Во Атина пак падна договор за непречено снабдување со јаглен, мазут и лигнит - енергенси неопходни за континуирано максимално искористување на домашните капацитети за производство а клучно е што доколку Грција одлучи да го ограничи или забрани извозот на овие енергенси таквата одлука за Северна Македонија нема да важи.

А на дваесетина дена пред официјалниот старт на грејната сезона виси и парно греењето за скопјани. ЕСМ која ги превзеде обврските од БЕГ сеуште нема лиценца за третата компанија, ЕСМ производство, поради фактот што сопственик на двете топлани „Исток“ и „Запад“ кои ги покрива оваа компанија е фирмата „Адора“ која ги купи минатата година за сума од 9,2 милиони евра.

Владата инсистира на договор додека сопственикот на „Адора“, Ванчо Чифлиганец, понуди да ги продаде двете топлани на државата за истата сума по која ги купи.

Нема договор ни со „ТЕ-ТО“ која е клучна како и за производство на струја така и за парно греењето бидејќи во процесот ослободува топлинска енергија која покрива над 60 отсто од потребите на системот за греење. Нема ниту информација дали и кога ќе бидат набавени потребните количини на гас за непречео работење како на „ТЕ-ТО“ така и на топланите „Исток“ и „Запад“.

Во Собранието пак продолжува расправата во Комисијата за одбрана и безбедност каде се двете одлуки за продолжување на прогласените кризни состојби во енергетскиот сектор и во снабдувањето на Град Скопје со топлинска енергија. Опозицијата бара формирање на работно тело кое ќе ги испита досегашните набавки и исплати на пари од Буџетот за набавка на енергенси и купување на струја како и детални информации околу моменталната состојба на хидро системите и залихите со јаглен. Тие побараа оставка и одговорност од директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски. Дури откако ќе заврши расправата во Комисијата, двете предлог одлуки може да се најдат пред пратениците на гласање.

Кризната состојба во енергетскиот сектор која ја прогласи Владата стапи на сила на 1 септември и е со траење до крајот на овој месец. Собранието е единствената институција која може да ја продолжи до крајот на грејната сезона, како што бара власта, односно до 30 април.

XS
SM
MD
LG