Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски за Гласот на Америка вели дека пред неколку години го прецизиравме зеленото сценарио, но енергетската криза повторно не врати да произведуваме повеќе електрична енергија од термолектраните.
Глас на Америка: Како државата ќе се справува со енергетската криза, што е во план освен договореното со Бугарија?
Васко Ковачевски: Во делот на електричната енергија, ЕСМ за оваа година го направи планот за производство, кој е зголемен за 25 отсто во однос на минатата година, се со цел да се испорачаат колку што е можно повеќе количини на електрична енергија од домашно производство.
Во првите седум месеци од оваа година имаме за 40 отсто зголемување од термоелектраните, тоа се во РЕК Битола и РЕК Осломеј, но следствено на тоа имаме намалување за 25 отсто на производството од хидроенергија, бидејќи имаме лоша хидрологија и водата која е во нашите акумулации се чува за давање на системски баланс во периодите кога ќе ни биде потребна. За справувае со оваа криза заедно со Владата се менаџираат пред се домашните капацитете, односно зголемување на производството на капацитетите во РЕК Битола, РЕК Осломеј, со значителни зголемени капацитети на ископ на домашен јаглен но исто така и со јаглен кој доаѓа од Грција, Албанија и Косово во овој период.
Минатата година го ставивме во функција после дванаесет години мирување и капацитетот на ТЕЦ Неготино, кој работи на мазут и кој од август месец е веќе е во функција повторно и сметаме дека со набавката на потребни колични кои ќе бидат потребни во зимскиот период, ТЕЦ Неготино ќе работи до завршувањето на грејната сезона, а тоа е крајот на април и почетокот на мај.
Што се однесува до другите капацитети, ограничени сме со природниот гас. Во моментот се преговара да го добиеме во нашата држава и единствената конекција ни е преку Бугарија, но гасот може да дојде и преку Република Србија, затоа и разговаравме на Опен Балкан, ако нашиот северен сосед има можност да ни помогне во делот на природниот гас, тоа ќе ни биде добредојдено и со тоа ќе може да планираме да се стави во комплетна функција прво сопствената централа на ЕСМ од 30 мегавати, која се наоѓа во комлекскот Железара, но позначајно е да се обезбеди гас за приватната гасна централа ТЕТО, која е со 210 мегавати и која таа енергија треба да се произведе за стопанството, односно за бизнис секторот, за да се помогне и на овој сегмент.
Генерално доколку се се движи како што се планира, сметаме дека со набавката на јаглен, мазут и со дополнително обезбедување на природен гас успешно ќе се справиме со енергетската криза и дека максимално ќе испорачаме доволно електрична енергија. Она што останува за наредната недела, е да се направи посета во вторник во Атина, каде со нашиот премиер Ковачевски и грчкиот премиер Мицотакис, со министрите и со енрегетските компании, ќе се направи работна средба, каде исто така ќе се побара помош и подршка, односно взаемна соработка со енергетскиот сектор на нашиот јужен сосед и така веќе заокружуваме регионално, нашата држава во овој момент сериозно да биде обезбедена со ресурси и со производство на електрична енергија.
Глас на Америка: Се зголемуваат и домашните капацитети на ископи на јаглен, за кои локации станува збор?
Васко Ковачевски: Со зголеменето производство на домашна електрична енергија, пред неколку години го прецизиравме зеленото сценарио, но енергетската криза повторно не врати да произведуваме повеќе електрична енергија од термолектраните. Токму затоа уште од минатата година, кога се најави енергетската криза презедовме мерки за отварање на два нови копови. Едниот коп е во РЕК Битола, во локалитетот Живојно, кој уште пред 20 години беше планиран да се почне со експлотација.
Очекуваме до крајот на годината во наредните три месеци, успешно да ги завршиме сите процедури и до крајот на годината да почнеме со првите ископи во овој локалитет, кој ќе ни помогне за нормално функционирање на термо блоковите во РЕК Битола. И втората работа е што во локалитетот Осломеј има позиција, каде што исто така има можност за ископ на сопствен јаглен. Тоа е локалитетот Гуштерица и таму наредната недела е планиран почеток на ископ и влегување во оваа локација, за да може да се обезбеди за наредната зима доволни количини на сопствен јаглен за Осломеј за да може да функционира, бидејќи досегашните резерви на јаглен се сведени на нула.