Во период од половина час, обилниот дожд проследен со силен ветер и град ги претвори улиците и булеварите во Скопје во мали реки и езера. Поплавени беа и бројни подземни простории, домови, како и поголем трговски центар. Подвозниците и овојпат се покажаа како критични точки, па голем број граѓани останаа заглавени со своите возила во поплавените подвозници.
Во скопската населба Аеродром, булеварот „Јане Сандански“, кој е главниот сообраќаен крвоток во тој дел од градот, беше претворен во река во која останаа заглавени дузина возила.
Голем број граѓани, додека се чекаше интервенција од надлежните служби, самоиницијативно се обидуваа да ги одглават затнатите шахти покрај булеварите. Надојдената вода го попречи движењето на возилата и на пешаците.
Во населбата „Кисела вода“, пак, силниот ветер однел покрив од станбена зграда, а има пријави и за голем број оштетени возила од паднати дрвја низ целата територија на градот.
Од Центарот за управување со кризи упатија апел до граѓаните да ги пријават настанатите штети од невремето на бројот 112. До сега имало пријави за паднати дрвја, оштетени кровни конструкции, поплавени подземни простории. Од ЦУК нагласуваат дека информациите се пренесуваат до надлежните служби и дека се интервенира по приоритет, односно првично им се помага на лицата што се во опасност.
Поголема количина вода навлегла и во трговскиот центар „Ист гејт“, каде, според видеа што ги споделија граѓани на социјалните мрежи, беше видливо поплавување во подземните ниво во објектот.
Од Град Скопје истакнаа дека активирале екипи на терен, како и дека противпожарната служба успеала да спаси повеќе од 20 лица заглавени во надојдената вода.
„Тимови составени од јавните претпријатија расчистуваат на терен и ќе останат се до целосно санирање на проблемите на критичните места и до нормализација на состојбата“, велат од Град Скопје.
Невреме денеска имаше и во реонот на Штип, Велес, Демир Хисар и Св. Николе.