Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на нови санкции против Русија поради загриженоста за гранатирање на нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина.
Зеленски, во обраќањето доцна во понеделникот, предупреди на потенцијална „катастрофа“ што ќе се одрази на другите земји во регионот.
„Ако сега светот не покаже сила и решителност да одбрани една нуклеарна централа, тоа ќе значи дека светот изгубил“, рече Зеленски.
И Русија и Украина се обвинуваат меѓусебно за вината околу нуклеарната централа.
Официјален претставник во Енерходар, инсталиран од Русија, рече дека украинските артилериски напади биле истрелани во близина на централата, додека украински официјален претставник рече дека всушност руските сили ја гранатирале областа во обид да изгледа како украински напад.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников изјави за украинскиот сервис на Гласот на Америка дека „нема смисла“ да го гранатираме објектот, бидејќи ја разбираме нуклеарнатс опасност за човештвото. Ја преживеавме трагедијата во Чернобил во 1986-та година. Украинците се тие што знаат што беше трагедијата во Чернобил на прво место и колку луѓе починаа подоцна од радијацијата.
„Затоа ги повикуваме сите да интервенираат и бараме не само Меѓународната агенција за атомска енергија туку и целата меѓународна заедница да интервенира и да влијае со цел ова да не стане уште една причина за нуклеарна катастрофа во Европа. - изјави Резников.
Поради страв од катастрофа, Резников рече: „Убедени сме дека руските единици не треба да бидат концентрирани таму и дека она што се случува сега е едноставно провокација и еден вид игра за тестирање на „нуклеарните нерви“ на светското општество како целина“.
Обединетите нации соопштија дека генералниот секретар Антонио Гутереш разговарал за условите за безбедно работење на централата во телефонски разговор со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Портпаролот на Гутереш, Стефан Дујарик, изјави за новинарите дека постои логистички и безбедносен капацитет во Украина за поддршка на посетата на инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на централата, доколку Русија и Украина се согласат.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека Русија ќе направи „се што е потребно“ за персоналот на МААЕ да ја посети локацијата. Руските државни медиуми подоцна го цитираа Игор Вишневецки, заменик-шеф на Одделот за нуклеарно ширење и контрола на оружјето на Министерството за надворешни работи, кој рече дека би било премногу опасно мисијата на МААЕ да патува низ Киев за да стигне до централата.
Украинската војска во понеделникот извести за силно гранатирање од страна на руските сили, при што загинаа уште најмалку тројца украински цивили, а уште 20 се ранети.
Уште седум лица се ранети во Харков, вториот по големина град во земјата, каде што Русија гранатираше и станбени згради и област во близина на автобуска постојка.
Рускиот претседател Владимир Путин ги поздрави силите на Москва кои се борат во Украина, велејќи дека тие „ги исполнуваат сите поставени задачи, ослободувајќи го Донбас чекор по чекор.“ Донбас е источниот индустријализиран регион на Украина кој ги вклучува провинциите Луганск и Доњецк.
Некои информации за овој извештај се од Associated Press, Agence France-Presse и Reuters.