Линкови за пристапност

Фаучи ќе се пензионира по половина век работа за владата на САД


Фаучи е на чело на Националниот институт за алергија и заразни болести во државата од 1984 година и советуваше седум американски претседатели
Фаучи е на чело на Националниот институт за алергија и заразни болести во државата од 1984 година и советуваше седум американски претседатели

Доктор Ентони Фаучи, водечкиот американски експерт за заразни болести, кој стана симбол на справувањето на САД со пандемијата на ковид-19, најави дека планира да се пензионира до крајот на годината.

Фаучи (81) го води Националниот институт за алергија и заразни болести во државата од 1984 година. Во 2020 година, тој стана познат како советник на тогашниот претседател Доналд Трамп, за време на првичниот бран заразени со коронавирус во САД.

Фаучи постојано ги повикуваше Американците да се вакцинираат, и мнозинството го направи тоа, и покрај гласното малцинство од милиони Американци кои тврдеа дека тоа е загрозување на нивната лична слобода.

Многумина кои ја негираа ефикасноста на широко достапните вакцини починаа, честопати признавајќи во последните денови дека не биле во право.

Фаучи, подоцна именуван од претседателот Џо Бајден за негов главен медицински советник, поддржа затворање на спортски сали, барови и ресторани и затворање училишта во првите месеци од пандемијата, предизвикувајќи гнев кај некои конзервативни државни и локални владини претставници.

Но, Фаучи, исто така, ја потцени пандемијата и евентуалниот број на починати, што сега достигна повеќе од еден милион луѓе во САД, повеќе од која било друга држава.

Како и другите здравствени службеници, тој најпрвин рече дека луѓето што се во јавноста не треба да носат маски за лице и првично не сфатија дека асимптоматските луѓе, исто така, ја шират инфекцијата.

Критичарите ги исмеваа неговите грешки, при што Трамп кон крајот на неговото претседателство ја доведе во прашање стручноста на Фаучи, одлуките за носење маски и потеклото на вирусот во Кина.

Многу здравствени експерти се потпираа на неговото знаење за заразни болести, а тој се појавуваше во телевизиски емисии за да им даде совети на Американците за тоа како да се справат со ковид-19.

Фаучи советуваше седум американски претседатели, демократи и републиканци. По најавата за пензионирање на Фаучи, Бајден ја пофали неговата половина век работа за владата.

„Поради многубројните придонеси на д-р Фаучи за јавното здравје, животите овде во САД и ширум светот се спасени“, рече Бајден, кој како потпретседател работеше со Фаучи на справувањето на нацијата со ебола и зика за време на администрацијата на претседателот Барак Обама.

„Без разлика дали сте го запознале лично или не, тој со својата работа ги допре животите на сите Американци“, рече Бајден.

Фаучи рече дека „ќе го продолжи следното поглавје од мојата кариера“ во пензија, за „да ја инспирира и советува следната генерација научни лидери.

XS
SM
MD
LG