Линкови за пристапност

Финансиски директор на организацијата Трамп се изјасни за виновен, Трамп не е обвинет


ЊУЈОРК (АП) - Највисокиот извршен директор на семејниот бизнис на поранешниот претседател Доналд Трамп денес се изјасни за виновен за затајување данок во договор што потенцијално може да го направи сведок против компанијата на есенското судење.

Финансискиот директор на организацијата Трамп Ален Вајселберг се изјасни за виновен за сите 15 обвиненија со кои се соочи во случајот. Тој беше обвинет за избегнување даноци за раскошните дополнителни бенефиции што ги добиваше од компанијата, вклучувајќи плаќања за закуп за луксузен автомобил, кирија за стан на Менхетен и школарина за приватно училиште за неговите внуци.

Вајселберг е единствената личност која досега се соочува со кривична пријава во долготрајната истрага на окружниот обвинител на Менхетен за деловните практики на компанијата.

Судијата Хуан Мануел Мерчан се согласи да го осуди Вајселберг на пет месеци затвор и пет години условна казна во затворскиот комплекс на островот Рикерс во Њујорк, иако ќе има право на ослободување многу порано ако добро се однесува зад решетки. Судијата рече дека Вајселберг ќе мора да плати речиси 2 милиони долари како даноци, казни и камати.

Договорот за признавање вина, исто така, бара од Вајселберг да сведочи вистинито како сведок на обвинителството кога на Организацијата Трамп ќе ѝ се суди во октомври за поврзани обвиненија. Компанијата е обвинета дека им помагала на Вајселберг и на другите директори да избегнат даноци на приход со тоа што не го пријавиле точно нивниот целосен надомест до владата.

Самиот Трамп не е обвинет во случајот.

Сведочењето на Вајселберг може потенцијално да ја ослабне одбраната на Организацијата Трамп. Доколку биде осудена, компанијата може да се соочи со парични казни или потенцијално да биде ставена на условна казна и да биде принудена да промени одредени деловни практики.

XS
SM
MD
LG