Од скромните почетоци на создавањето во 1992, во еден сложен геополитички контекст, во услови на распад и војни на територијата на некогашна Југославија, преку бегалската криза во 1999 и воениот конфликт во 2001, до актуелното присуство во пет мировни мисии, армијата секогаш беше присутна и ангажирана за справување со сите предизвици.
Пред 30 години првите луѓе на тогашното државно раководство го направија тоа што од неа се бараше – ја формираа армијата која беше многу потребна. Тоа го направија со мудрост и без капка пролеана крв. Тогаш, а и денес не е важно дали армијата е голема или мала, важно е дека е гарант за сигурноста и безбедноста на граѓаните, државата“, рече Славјанка Петровска министерка за одбрана.
Иако, Северна Македонија сега е полноправна членка на најмоќниот воено-политички сојуз во историјата на човештвото, предизвици не недостасуваат – особено во ситуација кога Европа, во 21 век, се соочува со голем судир на нејзина територија.
„Уште од првиот ден ја осудивме незаконската агресија на Русија врз Украина и се солидализиравме со украинскиот народ. Таа солидарност не е само вербална, туку и конкретна, за што сведочи и помошта, вклучително и воена, што, како НАТО членка и во рамките на нашите можности, ѝ ја даваме на Украина. Во новиот геополитички контекст, ја поддржавме и стратешката одлука за проширување на Алијансата, со тоа што, меѓу првите, ги ратификувавме во македонскиот парламент, договорите за прием на Финска и Шведска во НАТО. Трагичното украинско искуство покажува дека освен традиционалните воени закани, се поприсутни се и новите, асиметрични и хибридни закани кои не смееме да ги игнорираме. Тука спаѓаат и кампањите за дезинформации преку лажните вести што имаат за цел да ја поткопаат довербата на граѓаните во институциите и да го дестабилизираат демократскиот поредок“, рече претседателот Стево Пендаровски.
Надлежните уверуваат дека денес Армијата има безбедносен систем, подготвен да одговори на сложени ризици, кој постојано се модернизира. Дел од тие реформи, со поддршка на Сојузниците, пред се САД, е осовременување на воената опрема, набавка на вооружување од т.н западни платформи – нови лесни оклопни возила, системи за противвоздушна одбрана, артилериски системи, опрема за извидување и разузнавање.... Планот е не подоцна од 2024 година да се постигне НАТО стандардот за издвојување на најмалку 2% од БНП за потребите на одбраната.