Заштедени 20 гигавати струја е проекцијата на Владата со предвидените мерки за државните институции. Исклучување на амбиенталното осветлување и осветлувањето на фасадите, споменици и плоштадите, замена на светилки со штедливи и задолжително ограничување на употребата на клима уредите се само дел од мерките кои ќе стапат на сила од 1 септември. За компаниите и домаќинставата само препораки
СКОПЈЕ - Исклучување на осветлувања на фасади, споменици, плоштади, минимално неопходно осветлување на улиците и патиштата се само дел од мерките кои граѓаните ќе може да ги забележат однадвор. Во државните институции ќе се ограничи температурата на 27 степени во лето и 20 во зима, замена на светилки со шетдливи, гасење на компјутерите и светилките по завршувањето на работното време се само дел од задолженијата до државните институции кои Владата ги усвои на денешната седница.
Целта на Владата е да се намали потрошувачката за 15 отсто од ланските потрошени 130 гигавати струја само од државните институции и објекти.
„ Да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина. Јавните институции, во рамките на буџетите, да инсталираат колекторски системи за загревање на вода, доколку тоа е разумно и исплатливо. Јавните институции целосно да го исклучат осветлувањето во излозите во период по работно време. Да се заменат светилките со штедливи. Да се заменат старите прозорци во работните простории со нови ПВЦ прозорци за да се намали провевот. Да се инсталираат интелигентни системи за управување со потрошувачката на енергија“, се само дел од мерките кои ги наброја министерот за економија Крешник Бектеши.
Во секоја државна институција ќе има лице задолжено за спроведување на мерките и контрола и тоа ќе мора да поднесува извештај секој месец за вкупшната потрошувачка на струја во изминатите 30 дена која мора да биде најмалку за 15 отсто пониска со онаа од истиот месец минатата година. Доколку тоа не успее задолежното лице и раководителот ќе се соочат со казни според етичкиот кодекс на Владата, но министерот Бектеши не прецизираше точно какви.
Задолженија ќе има за општините и Град Скопје кои треба да направат распоред на половина од улиците и булеварите да го исклучуваат јавното осветлување, наизменично, преку еден ден а јавното претпријатие „Патишта“ да го намали осветлувањето поставено на државните патишта до минимален сигурносен обем на осветлување на улици, плоштади и други објекти во земјава.
За домаќинствата и за компаниите има препораки кои не се задолжителни и за кои нема да има контрола или евентуални казни. Препораките ќе бидат објавени на веб страницата на Владата и на министерството за економија.
Бектеши е дециден дека рестрикции нема да има освен во случај на голема хаварија и испад на системот но и тогаш е договорено непречено снабдувавње со струја од странство за големите потрошувачи.
„Не очекуваме да има рестрикции ако се оди според планот. Да даде господ да не се случи некоја хаварија. Дполнителено, за да се обезбедиме целосно, разговарав со раководството за енергетика во Србија и Бугарија да нема запирање на прекуграничните капацитети за да нема проблем во делот на снабдување со електрична екергија на големите потрошувачи односно компании“, рече министерот Бектеши.
Владата на наредната седница ќе донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор која би стапила на сила во исто време со мерките на штедење односно 1 септември и ќе трае до крајот месецот додека во топлинскиот сектор ќе трае до крајот на грејната сезона.