Линкови за пристапност

Русија со осуда на донирањето македонски тенкови Т-72 на Украина; за Скопје, тоа е во духот на членството во НАТО


Министерството за одбрана на Северна Македонија потврди дека станува збор за донација на тенкови Т-72 за кои во иднина нема место во армијата и кои, според Одбрана, „за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни“.
Министерството за одбрана на Северна Македонија потврди дека станува збор за донација на тенкови Т-72 за кои во иднина нема место во армијата и кои, според Одбрана, „за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни“.

Според официјална Москва со ваквиот потег Скопје придонесува кон дополнително влошување на ситуацијата и поддршка на, како што руското МНР ја нарекува, „криминалната активност на режимот во Киев против цивилите во Донбас“.

„Навистина, на 29 јули годинава стана извесна ваквата одлука на Скопје. Министерството за одбрана на Северна Македонија веднаш се огради дека наводно станува збор за тенкови од „третата генерација“ од тенковскиот баталјонот кој наскоро ќе биде расформиран, а самите возила во иднина требаше да се заменат со модерни. И покрај тоа што, според македонските власти тоа значи „безопасна“ набавка на застарена опрема, останува фактот дека во лојалноста кон НАТО Скопје е вклучено пред се во испумпување оружје на Украина, со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас. Луѓето кои проповедаат за демократија, слобода и човекови права треба тоа да го знаат. Сето ова води кон дополнително влошување на ситуацијата. Сметаме дека ова е голема грешка на раководството на Северна Македонија.“, изјави Марија Захарова, портпаролката на руското министерство за надворешни работи.

На ваквата остра порака од Руската Федерација следеше заеднички одговор од македонското МНР и од Министерството за одбрана.

Русија се закани за донирањето на македонски тенкови на Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:49 0:00

„Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, а пред се во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила. Досега, Владата донесе неколку одлуки за воено–техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција. Северна Македонија како членка на најмоќниот воено–политички сојуз – НАТО Алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации“, се вели во соопштението.

Минатата недела на социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа од камиони-влекачи натоварени со тенкови покриени со церади. Министерството за одбрана потоа потврди дека станува збор за донација на тенкови Т-72 за кои во иднина нема место во армијата и кои, според Одбрана, „за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со побарувањата на земјава за снабдување со опрема од западна платформа“. Во неколкугодишната одбранбена стратегија предвидено е расформирање на тенковскиот баталјон и уништување на тенковите.

Оваа последна „тенковска“ епизода е продолжување на надолниот тренд на дипломатските односи меѓу Скопје и Москва во изминатиот период. Од почетокот на руската инвазија врз Украина од Северна Македонија беа протерани вкупно 11 руски дипломати кои беа прогласени за персона нон грата.

XS
SM
MD
LG