Линкови за пристапност

Вашингтон ги обвини талибанците за прекршување на Договорот од Доха оти го засолниле лидерот на Ал-Каеда


Талибанците, пак, ги обвинуваат САД за прекршување на истиот договор
Талибанците, пак, ги обвинуваат САД за прекршување на истиот договор

Неколку часа пред американскиот претседател Џо Бајден да објави дека лидерот на Ал - Каеда Ајман ал-Завахири бил убиен во напад со американски дрон во центарот на Кабул на 30 јули, талибанците го обвинија Вашингтон дека го прекршил договорот меѓу САД и Талибанците од февруари 2020 година, познат како Договор од Доха.

„Таквите акции се повторување на неуспешните искуства од изминатите 20 години и се против интересите на САД, Авганистан и регионот“, се вели во соопштението на талибанците.

Меѓутоа, американските власти ги обвинуваат талибанците за дејствување против нивните антитерористички обврски преземени во истиот договор.

„Со домаќинството и засолнувањето на лидерот на Ал - Каеда во Кабул, талибанците грубо го прекршија Договорот од Доха и постојано му даваа уверувања на светот дека нема да дозволат авганистанската територија да биде искористена од терористи за закана за безбедноста на другите земји“, се вели во соопштението од Стејт департментот.

Откако ја презедоа власта во Кабул минатата година, талибанците не се спротивставија на повиците на САД да формираат инклузивна авганистанска влада, да им дозволат на жените да работат и да се школуваат и да ги почитуваат правата на верските малцинства.

Вашингтон одби да ја признае талибанската влада, и воведе строги финансиски санкции и им задржа на талибанците над 7 милијарди долари од финансиските резерви на Авганистан во Њујорк.

Ниту Вашингтон ниту Кабул го искористија саботниот напад со беспилотно летало во Кабул, прв таков инцидент откако САД ги повлекоа сите воени сили од земјата минатиот август, да укажат на крај на Договорот од Доха, кој досега спречи директна конфронтација меѓу САД и талибанците.

Високи претставници на Белата куќа велат дека со „висока доверба“ заклучиле дека лидерот на Ал-Каеда Ајман ал- Завахири бил единствениот убиен во напад со дрон викендов во Кабул, и оти биле свесни дека високи членови на талибанската мрежа Хакани знаеле дека тој бил во Авганистан.

Администрацијата на Бајден не ги предупредила талибанците пред нападот, изјавија властите за новинарите доцна вчера.

Тие потврдија дека нападот бил изведен од беспилотно летало, без американски персонал на теренот. Американскиот претседател Џо Бајден вчеравечер објави дека во американскиот напад во текот на викендов бил убиен еден од најбараните терористи во светот.

Во изминатата деценија, Ајман ал - Завахири беше на чело на Ал- Каеда, исламистичката терористичка група која создаде франшизи низ целиот свет по нападите на американска територија на 11 септември 2001 година.

„Сега правдата е задоволена“, рече Бајден, и додаде: „И овој терористички лидер повеќе го нема. Вечерва повторно јасно ставаме до знаење дека без разлика колку долго ќе трае, без разлика каде се криете, ако сте закана за нашиот народ, САД ќе ве најдат“.

XS
SM
MD
LG