Високи претставници на Белата куќа велат дека со „висока доверба“ заклучиле дека лидерот на Ал-Каеда Ајман ал- Завахири бил единствениот убиен во напад со дрон викендов во Кабул, и оти биле свесни дека високи членови на талибанската мрежа Хакани знаеле дека тој бил во Авганистан.
Администрацијата на Бајден не ги предупредила талибанците пред нападот, изјавија властите за новинарите доцна вчера.
Тие потврдија дека нападот бил изведен од беспилотно летало, без американски персонал на теренот. Американскиот претседател Џо Бајден вчера вечер објави дека во американскиот напад во текот на викендов бил убиен еден од најбараните терористи во светот.
Во изминатата деценија, Ајман ал - Завахири беше на чело на Ал- Каеда, исламистичката терористичка група која создаде франшизи низ целиот свет по нападите на американска територија на 11 септември 2001 година.
„Сега правдата е задоволена“, рече Бајден, и додаде: „И овој терористички лидер повеќе го нема. Вечерва повторно јасно ставаме до знаење дека без разлика колку долго ќе трае, без разлика каде се криете, ако сте закана за нашиот народ, САД ќе ве најдат и ќе ве уништат“.
Висок претставник на администрацијата рече дека ал -Завахири „продолжил да обезбедува стратешки насоки за филијалите на Ал - Каеда ширум светот, повикувајќи на напади врз САД“.
САД го нападнаа Авганистан веднаш по нападите на 11 септември, а главната цел беше лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен.
Американските сили го убија во Пакистан во 2011 година. Ал- Завахири, роден во Египет во богато семејство и обучен како хирург, ја презеде терористичката група во 2011 година.
Пред тоа, тој беше личен лекар на Бин Ладен. Потврдата за неговата смрт дојде повеќе од еден час откако талибанските владетели во Кабул изјавија дека нападот во неделата врз станбен комплекс во авганистанската престолнина е како резултат на американски дрон.
Талибанците брзо го споделија својот гнев.
„Исламскиот емират на Авганистан силно го осудува овој напад без оглед на изговорот“, рече портпаролот на талибанците Забихула Муџахид, користејќи го официјалното име за талибанската влада.
Тој го осуди нападот како „еклатантно кршење на меѓународните принципи и договорот од Доха“, мислејќи на разговорите во 2020 година што талибанските лидери ги одржаа со САД и западните лидери во Катар за повлекувањето на американските и сојузничките трупи следната година.
Куќата во која се засолнил шефот на Ал -Каеда се наоѓа во богатиот кварт Шерпор во Кабул и за тоа знаела и талибанската мрежа Хакани, изјави американски официјален претставник.
„Го идентификувавме Завахири во повеќе наврати во подолг временски период на балконот каде што на крајот беше погоден“, додаде официјалниот претставник.
Во населбата се сместени големи дворци, некои со базени, изградени од поранешни авганистански владини претставници, воени лидери, генерали, меѓу другите влијателни личности, вклучени во корупција.
Повеќето од нив ја напуштија земјата минатиот август кога талибанците го зазедоа Кабул. Населбата се наоѓа веднаш до дипломатска област во која се сместени странски амбасади.
Жителите во Кабул изјавија дека слушнале повеќе експлозии рано во неделата, веднаш откако проектили ја погодиле куќата.
Новинарите во авганистанската престолнина побрзаа на местото на настанот, но талибанските власти ги блокираа да влезат во областа.
Талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан на 15 август кога странските трупи предводени од САД се повлекоа, а владата во Кабул поддржана од Западот и нејзините безбедносни сили пропадна пред нападот на талибанците низ целата земја.