Претседателот Џо Бајден најави скромни нови чекори за борба против климатските промени и вети дека ќе уследи поцврста акција, велејќи: „Ова е вонредна состојба и така ќе гледам на тоа“, објави Асошиејтед Прес.
Според АП, претседателот издаде формална Декларација за климатска вонредна состојба. Демократите и еколошките здруженија бараа таква декларација откако влијателен демократски сенатор ги поткопа надежите за опсежна легислатива за справување со глобалното затоплување.
Бајден навести дека може да дојде таков чекор. За време на говорот на поранешна фабрика за јаглен во Масачусетс, Бајден рече дека ќе ги искористи своите извршни овластувања за да ја претвори загриженоста за климатската вонредна состојба во „формални, официјални владини активности“.
Поранешната електрана Брајтон Поинт во Сомерсет, Масачусетс, се префрла на оф-шор производство на ветерна енергија, а Бајден ја избра како олицетворение на транзицијата кон чиста енергија за која се залага и се бореше да ја реализира идејата во првите 18 месеци од неговото претседателствување.
Извршните активности објавени во средата ќе ја зајакнат домашната оф-шор индустрија на ветер во Мексиканскиот залив и југоисточниот дел на САД и ќе ги прошират напорите за да им помогнат на заедниците да се справат со високите температури преку програми од Федералната агенција за управување со вонредни состојби, Одделот за здравство и човечки услуги и други агенции.