Линкови за пристапност

САД предупредуваат на домашен екстремизам по одлуката на Врховниот суд да го укине правото на абортус


Активисти за правото на абортус, како и оние што се против, викендов протестираа низ повеќе градови на САД
Активисти за правото на абортус, како и оние што се против, викендов протестираа низ повеќе градови на САД

САД се подготвуваат за можно насилство по одлуката на Врховниот суд во петокот да го укине уставното право на абортус, што предизвика реакции и кај поддржувачите и кај противниците.

Претставници на Одделот за домашна безбедност предупредуваат дека домашните насилни екстремисти најверојатно ќе се обидат да ја искористат судската одлука „за да го интензивираат насилството врз широк опсег на цели“.

„Очекуваме дека насилството може да се случи со недели по одлуката, особено затоа што домашните насилни екстремисти може да се мобилизираат за да одговорат на промените во државните закони и гласачките мерки за абортус што произлегуваат од одлуката“, велат од Одделот за домашна безбедност.

Оттаму додаваат дека „оваа проценка ја базираме на забележано зголемување на насилните инциденти низ САД по неовластеното објавување во мај на нацрт-мнозинското мислење за случајот“.

Разузнавачите, исто така, открија повеќе повици за насилство на социјалните мрежи минатата недела, а официјалните лица се загрижени дека серијата подметнати пожари и вандалски напади врз објекти и верски институции поврзани со двете страни на дебатата за абортусот може да сигнализираат зголемување на насилството.

„Одделот за домашна безбедност ќе продолжи да работи со нашите партнери на секое ниво на владата за да споделува навремени информации и да ги поддржи напорите за спроведување на законот да ги зачуваат нашите заедници безбедни“, изјави за Гласот на Америка Одделот за домашна безбедност, на прашањето дали се загрижени оти одлуката за абортус на Врховниот суд може да предизвика повеќе насилство.

„Слободата на говорот и правото на мирно протестирање на Американците се основни уставни права. Тие права не се однесуваат на насилство и други незаконски активности“, изјавија оттаму.

Федералното биро за истраги (ФБИ) за Гласот на Америка кажа дека работи со сојузните, државните и локалните партнери за спроведување на законот „за да се осигура безбедноста на нашите заедници, притоа почитувајќи ги правата согласно првиот амандман“.

XS
SM
MD
LG