Двајцата Американци приведени во Украина додека се бореле на украинската страна во војната биле платеници кои ги загрозиле животите на руските војници, и треба да се соочат со одговорноста за своите постапки, соопшти вчера Кремљ.
Портпаролот Дмитриј Песков, во интервју за американската телевизија Ен-Би-Си, исто така, рече дека американската кошаркарска ѕвезда Бритни Грајнер, затворена во Русија повеќе од два месеца, е виновна за прекршоци за дрога, и оти не била заложник.
Коментарите на Песков беа првото официјално признание дека двајцата мажи, идентификувани во американските извештаи како Енди Хујн (27) од Хартсел, Алабама и Александар Друек (39) од Таскалуса, Алабама, се притворени и се под истрага.
„Тие беа вклучени во нелегални активности на територијата на Украина. Тие беа вклучени во пукање и гранатирање на нашиот воен персонал. Тие ги загрозуваа нивните животи“, рече Песков, и додаде: „И тие треба да бидат одговорни за тие злосторства што ги направиле. Тие злосторства треба да се истражат. Единственото нешто што е јасно е дека тие извршиле злосторства. Тие не се во украинската армија. Тие не се предмет на Женевската конвенција“.
Членовите на семејството изјавија дека минатата недела двајцата мажи отишле во Украина како доброволни борци и исчезнале.
Руските медиуми минатата недела објавија слики од нив фатени додека се бореле за Украина.
Песков не откри каде се држат овие лица.
Извор: Ројтерс