Линкови за пристапност

Преспа форум: Во законодавните институции низ светот само 26% се жени, родовата еднаквост е неопходна


Prespa Forum - Gender Equality Session
Prespa Forum - Gender Equality Session

Потребно и паметно е да се поддржува родовата еднаквост. Давањето можност на жените да бидат дел од законодавните и владините институции, отвора нови перспективи за развој и мир.

Тоа беа дел од поентите искажани на сесијата посветена на Родовата еднаквост во владејачките и законодавните институции во земјите од Западен Балкан, на вториот ден од Преспа форумот во Охрид, а на кој учествуваа домашни и странски високи политички функционери и претставници од владини и невладини организации.

Вјоса Османи-Садриу, претседателка на Косово
Вјоса Османи-Садриу, претседателка на Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу посочи кон предизвикот за надминување на традиционалните патријархални стеги во регионот, како еден од начините за надминување на родовата нееднаквост.

„Еднаквата застапеност на жените на раководните места и во политиката, треба да биде наша постојана цел. Женскиот пристап, му дава нов аспект на општеството“, рече меѓу другото претседателката Османи-Садриу.

Потсекретарката, за политички и мировни прашања на Обединетите нации, пак, Розмари ДиКарло, изнесе бројки дека низ светот во владините и парламентарните состави, само 26 отсто се жени. Таа додаде и дека само пет парламенти во светот имаат најмалку педесет проценти жени. ДиКарло посочи и за сексуалното насилство што се случува врз жените во време на воени конфликти.

Розмари ДиКарло, потсекретарката за политички и мировни прашања на ОН
Розмари ДиКарло, потсекретарката за политички и мировни прашања на ОН

„За да се обезбеди траен мир, жените мора да бидат на масите за мировни преговори, и тие преговори мора да ги земат во предвид родовите прашања и родовата еднаквост“, рече ДиКарло.

Амбасадорката на САД, пак, Кејт Мари Брнз, направи паралела меѓу демократските процеси на Западен Балкан и родовата еднаквост.

Кејт Мари Брнз, Амбасадорка на САД
Кејт Мари Брнз, Амбасадорка на САД

„Во овој регион демократијата сè уште е релативно ново искуство, 30 години се кус период. Но, кога ќе се погледне регионот, ќе се види дека има успешна приказна. Нашите позиции треба да ги користиме за да го направиме животот поубав за сите припадници на општеството“, рече Мари Брнз.

Меѓу учесниците беше и Роберт Бенјамин, директор за Централна и Источна Европа на Националниот демократски институт од САД. Тој, посочи дека 85% од жените што се дел од парламентарните состави низ светот, доживеале некаков вид насилство или тортура на родова основа.

Роберт Бенјамин, директор за Централна и Источна Европа на Националниот демократски институт од САД
Роберт Бенјамин, директор за Централна и Источна Европа на Националниот демократски институт од САД

„Мажите треба да увидат дека и тие се род и дека и тие треба да бидат дел од дискусии како оваа, да преземат одговорност и да ги согледаат обврските. Тоа е битно за општеството, а и за нивната лична политичка валидност“, рече високиот претставник од НДИ.

Во дел од заклучоците и пораките на сесијата посветена на родова еднаквост беше укажано и дека во голема мера напредокот на Западен Балкан ќе зависи од рамноправното политичко инволвирање на жените во процесите на соработка и склучување договори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG