Линкови за пристапност

Ескобар од Преспа форумот во Охрид: Западен Балкан е дел од европскиот проект


Од наша перспектива, од перспектива на САД, силно го подржуваме европскиот проект. Во мојот живот беше најкорисна и најважна иницијатива и развој во историјата“, изјави Ескобар.
Од наша перспектива, од перспектива на САД, силно го подржуваме европскиот проект. Во мојот живот беше најкорисна и најважна иницијатива и развој во историјата“, изјави Ескобар.

Европската унија денес се уште е политички и мировен проект. Ако тоа не беше така, воопшто немаше да зборуваме за украинските перспективи за придружување кон ЕУ и на европските перспективи на сите други држави од источното партнерство, рече вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ. Според него Западен Балкан се уште се наоѓа во турбулентен период, поради нерешените прашања. Ова беше речено на панелот, насловен како „Западен Балкан – управување на бродот во турбулентни времиња“, во рамките на вториот ден од Преспа форумот за дијалог.

„Мислам дека ЕУ има потреба од јасен план за Западен Балкан, кој не можеме да го видиме во овој момент. Мислам дека мора да се држиме до ветувањето од Солун од пред 19 години. Потребен ни е динамичен процес на пристапување, кој што ќе овозможи на општествата и на нашите граѓани, поголемо дружење и социјализирање, и кој ќе не подготви за членството. Потребна ни е дури и временска рамка, дури и со некои пречки, како што е моќта на ветото. И конечно што и да се случи следната седмица на јунскиот самит и на следните самити, важно е регионот на Западен Балкан да не биде заборавен од ЕУ и НАТО, за да не се чувствуваме дека сме заборавени, затоа што знаеме дека третите земји дефинитивно ќе навлезат многу подлабоко во регионот, отколку сега“, рече Бојан Маричиќ- заменик - претседател, задолжен за европски прашања

Ако оваа ситуација продолжи да опстојува, тоа може да биде така.

„Ја знаеме руската политика во Западен Балкан. Таа не е многу содржајна, но е многу јасна. Тие сакаат да му докажат на регионот, дека ЕУ е неуспех за Западен Балкан и дека ЕУ не функционира за нас. Ние сакаме да ја победиме таа перцепција, само со силни политики, со целосно присуство на НАТО и ЕУ и со јасен план за пристапувањето во ЕУ, на земјите од Западен Балкан“, додаде Маричиќ.

Заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, порача дека сите се обединети за евроатланската интеграција на регионот.

„Кога зборуваме за предизвиците во Западен Балкан во овој историски период, ги има многу, но наместо да се фокусираме на тоа, јас сакам да се фокусираме на можностите овде. Можностите навистина се единство во нашите вредности. Тоа ја доведе ЕУ да биде наша заедница во историјата. Од наша перспектива, од перспектива на САД, силно го подржуваме европскиот проект. Во мојот живот беше најкорисна и најважна иницијатива и развој во историјата“, изјави Ескобар.

Ескобар рече дека тоа што го направи Европа е што извезе мир, колку што можеше најбрзо и колку што можеше најдалеку, во секоја земја која стана членка. Според него и кандидатскиот статус за членство во ЕУ е исто така придобивка.

„Самиот кандидатски статус создава големи придобивки за народот. Но исто така мора да ги потсетам моите европски пријатели, не тие во структурите туку тие во јавноста, дека Западен Балкан е дел од тој проект, дека Западен Балкан е географски, економски, културно, историски европски. Дека ги делите тие вредности, дека имате солидни партнери во НАТО и дека сте одлични билатерални партнери на НАТО. Пораката која сакам да ја пренесам е дека иако луѓето се фокусираат на конкретна политичка рамка, дека има многу прогрес што се случува на други места, преку трговски канали, билатерални канали, преку други мултилатерални канали и во сите нив Западен Балкан успева“, додаде Ескобар.

Ескобар рече дека САД ги подржува и поттикнува сите иницијативи, кои го зближуваат регионот и го доближува до Европа.

На завршната прес конференција од Преспа форумот за дијалог, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, рече дека успеале да го промовираат форумот, како автентична платформа за размена на гледишта, идеи, искуства за современите и идните предизвици и закани.

„Министерството за надворешни работи успеа да го промовира Преспа форумот, како автентична платформа за размена на гледишта, идеи, искуства за современите и идните предизвици и закани. Истовремено да го етаблира и како препознатлив бренд кој ја негува културата на соработка, взаемната доверба и пријателство во градењето на регионалната стабилноста и нејзиниот придонес за зацврстување на глобалната улога на Европа“, рече Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Овогодинешното признание на Преспа форумот е доделено, како што рече Османи на храбриот украински народ за нивната борба за слобода и демократија.

„Покажувајќи непоколеблива волја, Украинците ја штитат не само сопствената слобода, туку и нашите заеднички вредности. Ова досегашно признание за нивните досегашни достигнувања претставува и наш скромен придонес за поддршка, да продолжат храбро со нивната херојска битка не само за зебе, туку за доброто на слободниот свет“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Османи рече дека нема позаслужено признание не само оваа година, туку и во оваа деценија.

Наградата во име на Украина ја прими украинската амбасадорка во Северна Македонија, Наталија Задорожњук.

И ја додели претседателот на државата, Стево Пендаровски.

„Имав чест на отворањето на Преспа форумот за дијалог да ја врачам наградата која Форумот му ја додели на храбриот народ на Украина за нивната борба за слобода и демократија. Симболично признание за нивната пожртвуваност, храброст и отпор во заштитата на својата земја и зачувување на слободата, идентитетот како и нашата заедничка иднина“, рече Пендаровски.

Инаку, на вториот Преспа форум за дијалог, во Охрид, учество зедоа повеќе од 400 учесници. Помеѓу нив бројни поранешни и актуелни политичари, претседатели и премиери на држави, од Европа, САД и Балканот, дипломати и претставници на истакнати тинк-тенк организации.

XS
SM
MD
LG