Линкови за пристапност

Големи очекувања од опозицијата да издејствува одржување предвремени парламентарни избори


Се гледаме на улиците, со срце и сила, за Македонија.“, најави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Се гледаме на улиците, со срце и сила, за Македонија.“, најави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Утре пред зградата на владата, опозицијата ќе го одржи својот, како што го најавува, голем протест...

Намерата е да се изврши притисок врз владејачката коалиција за одржување предвремени парламентарни избори. Протестот се одржува токму ден по одбележувањето на 32-годишнината од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, што како повод за повик за присуство, го искористи лидерот на опозицијата.

„Испраќам порака на обединување против лошата власт и Владата која ги загорчува животите на илјадници луѓе. Ние овој роденден ќе го одбележиме во знакот на борбата за промени, затоа што е премногу и мора да ја сочуваме Македонија. Ве повикувам утре во 20 часот на протестот за промени, пред Владата на Република Македонија. Се гледаме на улиците, со срце и сила, за Македонија.“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквиот чекор на ВМРО-ДПМНЕ следува откако не беше прифатено нејзиното барање за свикување лидерска средба на која ќе се разговара за организирање предвремени избори. Владејачката коалиција предводена од СДСМ, пак, ден по протестот, в недела, ќе одржи состанок на кој ќе се разговара за неколку прашања – енергетската криза, економската ситуација, порастот на цени, ефектите од руската агресија врз Украина. Темата предвремени избори не е на агендата.

Нормално дека ќе го реафирмираме ставот за одржување редовни избори во 2024 година заедно со претседателските избори.
Ковачевски, премиер на Северна Македонија

„Нормално дека ќе го реафирмираме ставот за одржување редовни избори во 2024 година заедно со претседателските избори. Во опозицијата единствено гледаме деструкција, гледаме блокирање, гледаме бојкотирање, и уште пострашно, во опозицијата има политички партии кои се отворено против нашето членство во ЕУ и НАТО и кои отворено одат по состаноци во Москва во време кога цела Европа заедно со САД се бори за зачувување на демократијата во сите држави кои се дел од ЕУ, кандидати за ЕУ и оние кои сакаат да станат членки на ЕУ.“, вели Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.

Протестот на опозицијата е дел од планот за принудување на власта на нови избори. Повеќе од еден месец трае т.н. активна блокада на ВМРО-ДПМНЕ на Собранието, со која, како што објаснија од партијата, ќе се блокираат сите проекти за кои ќе се процени дека не се од корист на граѓаните.

Политичките тензии меѓу власта и опозицијата, кои не можат да најдат заеднички јазик речиси за ниту едно прашање, доаѓа во период на економска неизвесност, пораст на цени, енергетска криза, разговори за надминување на бугарската блокада за евроинтеграциите, турбуленции во регионот на кои влијание има и војната во Украина.

XS
SM
MD
LG