Линкови за пристапност

Зеленски преку видео обраќање од Охрид: Русија се обиде да направи oтскочна даска за напад врз други нации во Европа


Откако ќе заврши војната во Украина, Русија ќе се врати на старите патеки, борејќи се против демократиите на западот со лажни вести и пропаганда, нагласувајќи дека не треба да трчаме по членство во ЕУ и НАТО, порача претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на панел дискусијата насловена како „Што по војната во Украина“. Тој рече дека новата безбедносна архитектура треба да се зајакне. Според него е невозможно Русија да ја видиме во демократските граници на Европа, без или со војната во Украина, уште повеќе поради војната во Украина.

„Незавршениот проект на европска интеграција, а ние сме 17 години кандидат за членство и со децении трчаме за таа цел, има последици за Западен Балкан и земјите кои сакаат да станат кандидати за членство. Можам да видам директна поврзаност на незавршениот проект на ЕУ и безбедносната архитектура на стара Европа. Како е тоа можно? Како прво, Русија со години ги поткопува нашите општества. Ако зборувам за Северна Македонија, зборувам за хибридни закани, лажни вести, особено во однос на прашањето за името. Откако ќе заврши војната во Украина, Русија ќе се врати на старите методи, борејќи се против демократиите на западот со лажни вести и пропаганда, нагласувајќи дека не треба да трчаме по членство во ЕУ и НАТО“, рече Пендаровски.

Пендаровски потсети дека Северна Македонија е само една од земјите, кои протерале руски дипломати.

„Јас најмногу се грижам, Европа да не продолжи со вообичаените методи на работа и покрај војната во Украина. Дали војната во Украина е помош за процесот на интеграција, дали го поттикнува и олеснува членството на новите кандидати, не. Не може да се каже дека било која војна во светот е позитивна за било која земја“, додаде Пендаровски.

Во видео обраќање се обрати и претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Тој рече дека европското обединување со источното партнерство и Западен Балкан може да се справи со руската агресија.

„Сега е историски момент за Европа и европската безбедност, кога сите треба да одлучат, што е Европа и каква ќе биде Европа во иднина. Дали ќе биде слободна како што е сега? Дали ќе биде безбедна како што се навикнати повеќето Европејци? Дали ќе биде социјално и економски развиена, и што ќе ги инспирира општествата надвор од нејзиниот континент? Русија сите нас не предизвика, секоја нација на континентот, секој регион во Европа. За Украина ова е најстрашниот воен предизвик и ние се браниме себеси веќе 113-ти ден против руските амбиции да го уништат украинскиот народ и култура“, рече Зеленски.

Почнувајќи ја оваа војна против Украина, Русија се обиде да направи oтскочна даска за напад врз други нации во Европа. Затоа нашата одбрана во оваа војна е од фундаментално значење за безбедноста на секого во Европа.

Сите ние во демократскиот свет се соочивме со енергетска криза без преседан. Многу години Русија креира впечаток дека е наводно сигурен извор на енергетски извори, но во реалноста направи различни европски земји да зависат од неа. Уште полошо сценарио е на пазарот на храна, при што не само што се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, туку и нова мигрантска криза. Ќе споменам уште еден елемент од руската анти европска политика. Русија е можеби најголемиот инвеститор во пропаганда. Токму затоа сериозна дискусија за безбедносната архитектура во Европа мора да биде базирана на потребата да се ослободи Европа од зависноста што Руската држава ја прави со децении. Затоа се потребни санкции за антиевропската политика на Русија. Ова треба да се земе предвид при подготвувањето на седмиот пакет санкции на ЕУ.“, порача Зеленски.

И, претседателот на Хрватска Зоран Милованович, посочи дека руското влијание е присутно во повеќе држави.

„Земјите од источното крило се изложени на злонамерното влијание на руската пропаганда, Грузија, Молдавија и БиХ. Ќе споменам уште две земји, Косово и Србија, кои не се признаваат меѓу себе, а кои се дел од Западен Балкан. Мора да се признаат меѓу себе, инаку нема придвижување напред“, рече Милованович.

Претседателот на Словенија Борут Пахор, рече дека кога ЕУ ќе дебатира за кандидатскиот статус на Украина, а можеби и за Молдавија, треба да се дебатира и за БиХ и да и се даде статус на земја кандидат за членство.

„Со ова ќе биде испратена порака не само до БиХ, туку и до секоја земја од Западен Балкан, дека нешто навистина се случува во Брисел и дека навистина постои силна политичка волја нешто да се стори. И, сметам дека ова е правилниот пристап и цврсто стојам зад тоа“, рече Пахор.

Тоа што го прави Путин денес, Милошевиќ го правеше некогаш, изјави Вјоса Османи, претседателка на Косово. Според неа, ЕУ треба да разбере дека колку повеќе ја одложува интеграцијата на Западен Балкан, Русија ќе има повеќе простор да го дестабилизира регионот.

„Во овој момент треба да ни е јасно на сите нас, дека патот до Москва и патот до ЕУ, не се вкрстуваат. Тие не треба да се вкрстуваат. Тие некогаш не биле разделени еден од друг, од овој момент. Сега и никој не може да оди по два патишта истовремено, а тоа е што најмалку може да го очекувате од нас. Затоа што тие кои го одбрале тој пат, не само преку говори и зборувања, туку и преку дела, треба да резултира со јасна одлука на ЕУ и сметам дека јунскиот самиот е одлична можност за тоа“, рече таа.

Црногорскиот претседател, Мило Џукановиќ порача дека ЕУ, мора да преземе одговорност за идната конкурентност на Европа.

„Руската агресија врз Украина всушност се однесуваше како еден вид на отрезнување на ЕУ. Многу е добро за нас, кои живееме во Европа, а не сме се уште членки на ЕУ и ја отрезни ЕУ. Не отрезни и сите нас, затоа што веднаш станавме свесни дека ова не е само Русија против Украина, туку се работи за агресија против европскиот систем на вредности. Агресија против европското единство и европската безбедност. Без разлика дали сакаме или не се наоѓаме во полето на геополитиката и јасно е што сака официјална Русија. Русија сака да ги лиши независните европски земји од правото да одлучуваат слободно за нивната иднина“, рече Џуќановиќ.

Русија сака да се врати во положба на геополитичка важност, што и припаѓаше на СССР, во времето на студената војна, што е невозможна мисија, но тоа треба да го имаме во предвид, кажа Џукановиќ.

XS
SM
MD
LG