Обидите за кревање на блокадата на Софија влегуваат во своевиден фото-финиш – процесот се води на две патеки.... Првата е на домашен терен во Бугарија каде премиерот Кирил Петков е во незавидна позиција – опстанокот на неговата влада виси токму поради прашањето со Северна Македонија, тема за која самиот Петков и партиите кои го поддржуваат покажуваат силен интерес да биде затворена.
Втората патека е на меѓународната сцена – зачестија посетите на врвни европски дипломати на Скопје кои доаѓаат со една главна порака – ЕУ интеграциите, во кои покрај земјава е блокирана и Албанија, треба да бидат рестартирани што е можно побрзо. За само неколку дена во Северна Македонија се појавија и германскиот канцелар и шефот на хрватската дипломатија и претседателот на Европскиот совет. Денеска Гордан Грлиќ Радман ситуацијата на Западен Балкан ја стави во директен контекст со руската агресија врз Украина.
„Kога говориме за безбедноста, зборуваме и за превенција од влијанија од трети земји и превенција од прелевање на судирот, домино-ефект. Силно ја осудивме руската агресија врз суверена земја, што е без преседан во 21 век, нарушен е светскиот поредок. Отворањето пристапни преговори би бил не само политички, туку и важен психолошки момент и за граѓаните на Северна Македонија, бидејќи 17 години чекате тоа да се случи. Северна Македонија направи се што требаше, го смени и името, направивте големи реформи, покажавте дека сте проевропски и со отворањето преговори ќе се отвори и ново поглавје на евроската перспектива. Преважно е ова прашање да се најде повторно на агендата на Советот на ЕУ, сметам дека технички се е возможно, тоа е за една седмица, очекуваме, се надеваме на свикување на меѓувладина конференција, тука е битно е и француското претседателство и влијанието на водечките земји во ЕУ“, изјави министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман.
Домаќинот Османи потврди дека изминатиот викенд имало интензивни разговори со бугарската страна кои, како што ги нарече, биле конструктивни. Но, политичката нестабилност во Софија го комплицира целиот процес и можноста за некаков пробив до состаноците на врвот на Унијата наредната недела.
„Се разбира времето е кратко. Во прашање се денови во рацете на Бугарија, земја која што 2018 ја врати европската агенда на Западен Балкан преку Самитот во Софија, потоа ја запечати таа агенда Загреб во текот на нивното претседателство. Дали сега пак во Софија ќе се погребе, за жал, ќе користам таков збор, таа перспектива на Западен Балкан, очите на 18 милиони луѓе се свртени кон Софија каква одлука ќе преземе. Мислам дека граѓаните на Република Бугарија не сакаат да бидат кочничари на европската иднина на 18 милиони граѓани, бидејќи ова не е веќе прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите, ова е прашање дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива. Јас се надевам дека бугарските политичари ќе се издигнат на нивото на задачата којашто ја имаат и нема да дозволат во Софија да се изгради споменик на гробот на најуспешната политика на ЕУ во последните 75 години, а тоа е политиката на проширување“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Шарл Мишел, Претседателот на Европскиот совет, кој е во посета на регионот како знак на европската поддршка, утре ќе има средби со државниот врв во земјава. Се очекуваат пораки кои ќе бидат на иста линија со оние на германскиот канцелар и хрватскиот министер. Во моментот, надминувањето на македонско-бугарскиот спор и обновувањето на дијалогот Белград – Приштина се на врвот европски приоритети за Западен Балкан.