Линкови за пристапност

Експерти: Стравувања за стабилноста на Западен Балкан со новите геополитички поместувања од војната во Украина


Повиците до Европската Унија се дека мора да биде поприсутна на Балканот и да ги испорача дадените ветувања. Како пример беше искористена токму Северна Македонија која од 2005 година е земја-кандидатка.
Повиците до Европската Унија се дека мора да биде поприсутна на Балканот и да ги испорача дадените ветувања. Како пример беше искористена токму Северна Македонија која од 2005 година е земја-кандидатка.

И во Давос и во Скопје се дебатираше за европската иднина на Западен Балкан. На Светскиот економски форум дел од европските министри ги изнесоа своите стравувања за стабилноста на регионот со новите геополитички поместувања предизвикани од војната во Украина. Повиците до Европската Унија се дека мора да биде поприсутна на Балканот и да ги испорача дадените ветувања. Како пример беше искористена токму Северна Македонија која од 2005 година е земја-кандидатка.

Северна Македонија е земја-кандидат веќе 17 години. А сега се уште разговараме за тоа дали конечно треба да ги почнеме пристапните преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Шаленберг, министер за надворешни работи на Австрија

„Северна Македонија е земја-кандидат веќе 17 години. А сега се уште разговараме за тоа дали конечно треба да ги почнеме пристапните преговорите со Северна Македонија и Албанија. Сега е клучно време, верувам дека ЕУ мора да се прибере и да делува. Континентот влегува во конфронтирачка фаза, а тоа може да трае со години, ако не и декади. Во политиката нема вакуум – или ние извезуваме стабилност и безбедност и нашиот начин на живеење или ќе се соочиме со нечиј друг модел на живеење.“, вели Александар Шаленберг, министер за надворешни работи на Австрија.

Европски експерти, пак, во Скопје, предупредија на опасностите од отворени прашања кои предолго се товар за односите во регионот, како на пример македонско-бугарските разлики за чувствителни историски теми поради кои Софија го блокира напредокот на Скопје.

„Нерешавањето на билатералните спорови само го отвора патот за трети страни чии интереси не се поклопуваат ниту со европските, ниту со интересите на земјите од регионот. Голема опасност е и недостатокот на комуникација меѓу општествата на земјите од регионот, но ни треба и подобра комуникација меѓу ЕУ и државите од Западен Балкан.“ - коментира Марија Симеонова, од Европскиот совет за надворешни односи, Софија.

Дел од анализите се дека без стабилизирање на континентот, малку е веројатно дека ќе има динамизирање на проширувањето на Балканот.

„Ранливоста на светските односи, која е сега присутна, никогаш не била поголема. Зошто е ова важно од аспект на идното проширување на ЕУ? Затоа што без стабилен и предвидлив светски поредок не може да има просперитетен пат на Западен Балкан кон ЕУ“, вели Демуш Шаша, Институт за европски политики, Приштина.

Што би значело за регионот новата идеја на францускиот претседател Макрон за создавање европска политичка заедница како начин за побрза интеграција на државите кои не се дел од Унијата – иницијатива која веќе се толкува како „замена за полноправно членство“.

Ние треба да бидеме фокусирани на нашиот процес, во кој сме отидени предалеку и во исполнување на критериумите и во формалните чекори на патот до полноправно членство.
Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија

„Тоа што го кажуваат сите чинители, вклучени во развојот на оваа идеја, е дека тоа не е алтернатива на пристапниот процес во кој што се влезени земјите од Западен Балкан во последните 20 години, туку е нова иницијатива за политичка конвергенција во континентот на ЕУ, без притоа да влијае и да биде замена на ова што ние го имаме тука. Ние треба да бидеме фокусирани на нашиот процес, во кој сме отидени предалеку и во исполнување на критериумите и во формалните чекори на патот до полноправно членство.“, оцени Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.

Северна Македонија, заедно со Албанија го очекува датумот за почеток на пристапните преговори – „зелено светло“ беше дадено пред две години, но одлуката се уште не може да се ефектуира поради блокадата од Бугарија.

XS
SM
MD
LG