Линкови за пристапност

Убиени 19 деца и двајца возрасни во напад врз основно училиште во Тексас


Најмалку 19 деца и двајца возрасни се убиени вчера во оружен напад врз основно училиште во Тексас. Напаѓачот имал 18 години, а со себе носел пиштол, пушка и панцир. Бил убиен во престрелката со полицијата.

Нападот се случил во местото Увалде. Како што соопштија властите, напаѓачот прво ја убил својата баба, а потоа направил и судар со возилото со кое се превезувал. Излегол од возилото и успеал да влезе во училиштето каде го почнал масакрот.

Во првите часови после нападот имаше хаотична ситуација, во која немаше конкретни податоци за бројот на повредени и загинати, зашто повеќето од застреланите биле однесени во различни болници.

Во своето обраќање до нацијата, претседателот Џо Бајден изрази жалење за загубите и постави прашање зошто масовните убиства се толку чести во земјата. Тој ги повика законодавците да поддржат подобри закони за оружјето.

„Тоа што ме погодува е што овој вид масовни убиства се ретки во другите делови од светот... Зошто? Зошто живееме со вакви масакри? Зошто дозволуваме ова да ни се случува?“, рече претседателот Бајден.

Вчерашниот масакр е најсмртоносен оружен напад врз училиште во Тексас и еден од најсмртоносните во САД после нападот на основното училиште „Сенди Хук“ во Њутаун, Конектикат, каде беа убиени 26 лица, од кои 20 деца.

Училиштето во Увалде имало околу 600 деца, а се наоѓа во мирно соседство. Градот има околу 16.000 жители и се наоѓа на околу 135 километри од Сан Антонио и околу 120 километри од границата меѓу САД и Мексико.

Тексас беше сцена на неколку масовни престрелки во последните пет години. Една година пред пукањето во училиштето во Санта Фе во 2018 година, вооружен маж во црква во Тексас уби повеќе од дваесет луѓе за време на неделна служба во малиот град Сатерленд Спрингс. Во 2019 година, друг вооружен напаѓач во „Волмарт“ во Ел Пасо уби 23 лица во расистички напад.

Дел од информациите од овој извештај се преземени од Асошиејтед прес и од Ројтерс.

XS
SM
MD
LG