Линкови за пристапност

Тврдењето дека бугарскиот Устав не предвидува малцинство е правна манипулација, велат од ОМО Илинден Пирин


Стојков: Со Извештајот на Стејт департментот, Бугарија ќе биде принудена барем да почне да ги регистрира македонските организации

Македонските здруженија во Бугарија не се откажуваат од нивната долгогодишна борба за признавање на постоењето на македонското малцинство таму. Велат дека не само 14-те досегашни пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, ветар во грб им дава и неодамнешниот извештај на Стејт департментот на САД, каде во делот за човековите права во Бугарија, се посочува проблемот со нерегистрацијата на групите со етнички Македонци.

„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи и покрај 14 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите“, стои во изјавата на Стејт департмент на САД.

Стојко Стојков од ОМО Илинден Пирин, очекува дека со засилен меѓународен притисок, Бугарија ќе биде принудена ако ништо друго, барем да почне да ги регистрира македонските организации. Вели, прашање на време е кога Софија ќе ја симне оваа блокада.

„Кога Бугарија е под силен меѓународен притисок и кога ситуацијата се доведе до таму, што цената да продолжи со досегашната политика ќе и стане повисока, отколку да се откаже од неа, само тогаш таа прави промена во корист на македонското малцинство. Досега единствениот напредок го имаме, откако Бугарија влезе во ЕУ, таа не смее повеќе да ги запира нашите јавни собири. Порано беа растурени со насилство“, вели тој.

Адвокатот на македонските организации во Бугарија, Тони Менкиноски, очекува американската дипломатија да изврши силен притисок врз властите во Софија.

„Од страна на комесарот за човекови права, Томас Халаберк, уште во 2010 година побарано е Бугарија да го смени Уставот, како Македонците би влегле заедно со другите етнички малцинства и би имале рамноправност при отворање на здруженија и политички партии“, рече тој.

Но, бугарските власти не попуштаат. Бугарската потпретседателка Јотова, неодамна од Охрид изјави дека бугарскиот Устав не познава малцинства, и оти извештаите на Стразбур и Стејт департментот не биле обврзувачки за нив.

„Тоа што го цитирате од Стразбур, тоа решение е во врска со почитувањето на човековите права и никогаш во него не пишувало, Бугарија да го признае македонското малцинство. Така што, никогаш никој и по никој основ не барал и нема да ја принудува Бугарија да признае какво и да е малцинство, бидејќи во Стразбур се почитува бугарскиот Устав“, рече таа.

Но, Стојков и Менкиноски го тврдат спротивното.

„Тврдењето дека бугарскиот Устав не предвидува малцинство е правна манипулација. Не се споменува директно поимот малцинство во Уставот, меѓутоа е предвидено дека ќе се почитуваат правата на луѓето, чии што јазик не е бугарски, или нема да се дозволи дискриминација на етничка основа“, вели Стојков.

„Јотова можеби живее во некоја друга држава. Но, апсолутно се обврзувачки согласно протокол 14 од Европската конвенција за човекови права, каде сите пресуди на Европскиот суд за човекови права се облигаторни за системите, кои го потпишале и за државите кои се членки на Советот на Европа. Доколку не ги почитуваат овие одлуки, тие можат да бидат исфрлени од Совет на Европа“, вели Менкиноски.

Стојков вели дека негирајќи го постоењето на македонското малцинство, Бугарија, сака да ги спречи Македонците легално да работат и да учествуваат во општествениот живот на државата.

XS
SM
MD
LG