Мнозинството Американци продолжуваат да го поддржуваат носењето маски за граѓаните кои патуваат со авиони и друг заеднички превоз, покажа нова анкета.
Одлуката на федерален судија ја стави во мирување наредбата на владата за заштитни маски, објави Асошиејтед Прес.
Анкетата спроведена од Асошиејтед Прес и Центарот за истражувања на јавните односи потенцираше дека и покрај противењето за таа уредба, што вклучува вербална злоупотреба и физичко насилство врз стјуардесите, 56% од Американците се залагаат од патниците во авионите, возовите и јавниот превоз да се бара да носат маски, споредено со 24% против и 20% кои велат, дека не се ниту ЗА, ниту Против.
Интервјуата за анкетата на АП беа спроведени од четврток до понеделник, непосредно пред федералниот судија во Флорида да ја укине наредбата за задолжително носење маски во авиони и во јавниот превоз.
Авиокомпаниите и аеродромите веднаш ги укинаа наредбите патниците да носат маски.
Управата за безбедност во транспортот престана да го спроведува условот за носење маска, а Одделот за правда во вторникот објави дека нема да се жали на пресудата освен ако Центрите за контрола и превенција на болести не утврдат дека сè уште е неопходно носење маски.
Анкетата покажува широка партиска поделеност по ова прашање. Меѓу демократите, 80% го поддржуваат, а само 5% се противат на барањето за носење маски. Меѓу републиканците, 45% се против, во споредба со 33% ЗА, а 22% не се изјасниле, ниту едното ниту другото.
Континуираната поддршка меѓу Американците за задолжителни маски во јавен превоз доаѓа дури и кога загриженоста за Ковид-19 е на најниско ниво во последните две години. Само 20% сега велат дека се многу или крајно загрижени дека тие, или член на семејството, ќе бидат заразени. Тоа е благо намалување, бидејќи 25% го кажаа истото пред само еден месец и од 36% во декември и јануари додека беснееше варијантата Омикрон.
Други 33% сега велат дека се малку загрижени, додека 48% велат дека воопшто не се загрижени дека би можеле да бидат заразени од Ковид.
Во друга анкета на АП и НОРК спроведена минатиот месец, 44% од Американците сè уште истакнаа дека често или секогаш носат маски за лице надвор од нивните домови, иако тоа е значително намалено, споредено со 65% од граѓаните, коишто практикуваа носење маски на почетокот на годината.
Информациите се од Асошиејтед Прес.