Обединетите нации (ОН) велат дека луѓето се „изгладнувани до смрт“ во опколениот украински град Мариупол, велејќи дека хуманитарната криза во земјата најверојатно ќе се влоши бидејќи Русија ги интензивира нападите, објави Асошиетед прес.
Шефот на Светската програма за храна на ОН Дејвид Бисли, исто така, предупреди дека руската инвазија на Украина, која е извозник на жито, ги дестабилизира државите далеку од нејзините брегови и оти може да предизвика мигрантски бранови.
Војната што започна на 24. февруари го „уништува народот во Украина“, рече тој, велејќи дека се ограничува пристапот на хуманитарни организации кои се обидуваат да им помогнат на најпогодените во конфликтот.
„Не гледам никакво олеснување. Едноставно не гледам дека тоа се случува во моментов“, рече тој.
Светската програма за храна на ОН сега се обидува да обезбеди резерви на храна во области кои би можеле да бидат зафатени од борбите, но Бисли призна дека има многу потешкоти како што се развива ситуацијата.
Бисли изрази особена загриженост за пристанишниот град Мариупол, каде на повеќе од 100.000 цивили очајно им е потребно храна, вода и греење.
Руските сили кои го контролираат пристапот до градот не дозволија помош, иако ОН побараа пристап.
„Нема да се откажеме од луѓето од Мариупол и од другите луѓе до кои не можеме да дојдеме. Но, тоа е катастрофална ситуација: луѓето се изгладнети до смрт“, рече тој.