Линкови за пристапност

Запленетите јахти во Франција не се проблем само за сопственикот, објави Ројтерс


Бродоградилиштето Ла Сјота на француската ривиера вели дека подготвува сметки за давачки за високата бела суперјахта Аморе Веро, но не знае на кого да ги испрати, објави Ројтерс.

Царинските агенти го запленија бродот долг 86 метри, додека неговиот екипаж се подготвуваше да исплови од пристаништето ноќта на 2. март, два дена откако Европската Унија го додаде Игор Сечин, шефот на руската државна нафтена компанија Роснефт на списокот со санкции поради војната во Украина.

Француското министерство за финансии соопшти дека јахтата ѝ припаѓа на компанија контролирана од Сечин, еден од најстарите сојузници на рускиот претседател Владимир Путин.

Министерството одби да ја именува фирмата.

Но, Сечин во изјава за Ројтерс испратена од Роснефт, го негираше ова.

Министерството за финансии на Франција изјави дека го запленила бродот „Аморе Веро“. На овој начин, велат властите, ѝ се дава на контрола над јахтата и ги остава трошоците на сопственикот.

Но, властите не ги известија третите страни за статусот на бродот, оставајќи нејасно кој е одговорен за неговото одржување. Тие рекоа две компании се вклучени во сервисирањето на јахтата.

Како што се зголемуваат сметките, директорот на бродоградилиштето Ла Сјота рече дека компанијата не е сигурна како да биде платена.

„Продолжуваме да фактурираме“, велат оттаму, нагласувајќи дека „не знаеме“ кој ќе ја плати сметката.

Француската царинска агенција одби да коментира зошто не ги информирала бродоградилиштата за статусот на јахтата.

Ситуацијата со бродот Аморе Веро укажува на сложеноста со која се соочуваат властите додека ги таргетираат сојузниците на Путин, како и на проблемите со кои се соочуваат некои бизниси.

Во Европската Унија, финансиското богатство на олигарсите останува главно недопрено, но европските држави замрзнаа или запленија физички средства, вклучително и имоти и најмалку 11 суперјахти.

Русите поседуваат речиси една на секои десет суперјахти, според специјализираната веб-страница „Суперјахт тајмс“.

Некои од оние кои се во сопственост на санкционирани поединци се закотвени во безбедни засолништа, како на Роман Абрамович и Соларис во Турција, или пловат во меѓународни води надвор од јурисдикцијата на државите кои наметнуваат санкции.

Годишните тековни трошоци на најголемите суперјахти можат да изнесуваат до 10 отсто од нивната вредност, вклучувајќи ја платата за екипажот, поправките, горивото, храната, осигурувањето, давачките за сместување и комуналните услуги на брегот.

Во Франција и во Шпанија, тековните трошоци за „замрзната“ или запленета јахта остануваат одговорност на сопственикот. Сепак, блокадите на нивните банкарски сметки значеа дека санкционираните сопственици честопати не беа во можност да платат, рече Рејчел Линч од синдикатот на морнари Наутилус Интернешнл.

Друг ризик за владите лежи во погрешно задржаните бродови, рече Јанис Маркојанис, грчки адвокат специјализиран за меѓународно право за јахти, осигурување и оданочување.

Сопствениците, исто така, може да тужат за губење на заработка или за забрана за користење.

„Сите тие работи треба внимателно да се решат од страна на државата запленувач за да се избегнат непријатни изненадувања“, изјави Маркојанис.​

XS
SM
MD
LG