Трошоците за живот на граѓаните и цените на производите и енергенсите се во постојан раст а расте и стапката на инфлација, покажуваат официјалните бројки на државниот завод за статистика (ДЗС). Ако се споредат јануари и февруари оваа година, во февруари трошоци се зголемиле за еден отсто, цените на мало за 1,2 отсто а инфлацијата за 1,3 отсто. Споредено со истиот период минатата година растот на цените на мало е над 8 отсто а кај трошоците за живот над 7 отсто.
СКОПЈЕ - Економскиот совет на Владата попладнево имаше состанок на кој не се донесени нови мерки за менаџирање на кризата и олеснување на граѓаните и стопанството нема но од Владата информираат дека се анализираат можните нови мерки, таргетирани за стопанството и со подршка од Буџетот, за да се задрѓи ликвидноста на фирмите и работните места.
На состанокот со кој претседаваше премиерот Димитар Ковачевски се разговарало за актуелната економска состојба и ризици и последици кои ги предизвикува војаната во Украина како и влијанието врз енергетската криза во државата.
„На советот беше потврдена заложбата и важноста од носење на мерки за поддршка на граѓаните и стопанството во време на криза. Беа разменети мислења, сугестии, предлози околу потребните мерки што како државна помош треба да бидат земени предвид при креирањето на политиките за ублажување на последиците од најдлабоката криза во современата историја. Во тек е подготовка на анализата и можните нови мерки кои треба да се најдат во најскоро време на владина седница. На состанокот се разговараше за таргетирани мерки со буџетска поддршка за стопанството со цел задржување на ликвидноста и работните места и за мерки за ранливите категории за ублажување на ценовните шокови“, стои во владиното соопштение.
Според премиерот Димитар Ковачевски растот на цените на храната и енергенсите се должи на војната во Украина но државата успеа да ги држи цените кои се најниски во регионот.
„Со новата Одлука за зголемување на минималната плата на 18.000 денари за сите работници, со две минимални плати се покрива синдикалната потрошувачка кошничка. Точно е дека има зголемени трошоци и на храната и на енергенсите, но тоа се должи на најголемата криза што ја памти Европа во поново времне. Руско-украинскиот конфликт направи комплетен дисбаланс во снабдувањето и во цените на прехранбените производи, на енергенсите, полуфабрикатите и суровините кои се тргуваат на нивот на Европа“, изјави премиерот Ковачевски.
А според Државниот завод за статистика ако се споредат трошоците за живот од февруари годинава со оние од лани се бележи зголемување за 7,6 отсто а цените на мало се зголемени за 8,6 отсто.
Според статистика, за една година најголем раст има кај цената на течните горива од над 71отсто. Трошоците за сопствени возила пак, се зголемиле за 31%. Од февруари лани па досега лебот и житото се поскапени за 11 отсто, месото за 6,2 отсто, овошјето за 10,4 отсто, зеленчукот за 18,5 отсто а сирењето, јајцата и млекото за 4,4 отсто.
Кога станува збор за храната, очекувано, најголем годишен раст имаат маслата и мастите, со зголемена цена од 23,8 отсто.
Поскапувањето на горива предизвика домино ефект кај граѓаните па затоа значителен пораст раст има и кај трошоците за транспортот и тие се зголемиле за 19,3 отсто за една година, а трошокот за електрична енергија е 9,4 отсто повисок со оној од февруари лани. Зголемување на цените се бележи кај цигарите и тоа во висина од 6,6 отсто.
Според ДЗС, намалување на индексите на трошоците на животот минатиот месец а споредено со јануари оваа година има само кај воздушниот трабспорт од 14 отсто, услугите за сметување од 2,1 отсто, пивото кое е поефтино за еден отсто и минорни 0,2 отско кај минераланата вода и соковите.