Линкови за пристапност

Бајден начелно прифати средба со Путин, ако Русија не ја нападне Украина


Украина ја поздрави иницијативата на Франција за средба меѓу американскиот и рускиот претседател, а министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека „секој напор за дипломатско решение е вреден“
Украина ја поздрави иницијативата на Франција за средба меѓу американскиот и рускиот претседател, а министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека „секој напор за дипломатско решение е вреден“

Претседателот на САД Џо Бајден начелно ја прифати средбата со рускиот претседател Владимир Путин, само ако Русија не продолжи со воена акција, објави доцна вчера Белата куќа.

Во изјавата од портпаролката Џен Псаки се вели дека државниот секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров прво би имале разговори оваа недела во Европа.

„Секогаш сме подготвени за дипломатија. Исто така сме подготвени да воведеме брзи и тешки последици ако Русија одбере војна. А во моментов Русија изгледа дека продолжува со подготовките за напад на Украина многу брзо“, рече Псаки.

Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков изјави за новинарите дека се`уште нема конкретни планови за средбата меѓу Бајден и Путин, и оти таков состанок е можен ако лидерите сметаат дека е изводлив.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера зборуваше и со американскиот, и со рускиот лидер, и рече дека двајцата начелно го прифатиле самитот.

Украина ја поздрави иницијативата, а министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека „секој напор за дипломатско решение е вреден“.

„Се надеваме, се разбира, како некој што очајно сака да одбегне војна, дека двајцата претседатели ќе излезат од собата со договор дека Русија ќе ги повлече нејзините трупи од Украина“, рече Кулеба пред средбата со колегите од Европската Унија во Брисел.

Тој додаде дека Блинкен го осигурал оти никакви одлуки за Украина нема да бидат донесени без Украиан да биде вклучена, и дека тие ќе се координираат пред средбите со руските официјални лица за да осигураат дека „нашите интереси ќе бидат земени предвид“.

Британскиот премиер Борис Џонсон вчера рече дека Обединетото кралство ќе искористи „најтешки можни“ економски санкции против Русија ако ја нападне Украина.

Џонсон за Би-Би-Си рече дека санкциите не би биле насочени само кон Путин и неговите помошници, туку и кон „сите компании и организации од стратешка важност за Русија“.

Вчера, исто така, Американската амбасада во Москва објави соопштение, со кое ги повика Американците во Русија да подготват план за евакуација.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG