Планот на здравствените власти е со скринингот да се опфатат околу четири илјади граѓани и тоа илјада во Скопје и три илјади во останатите градови, што е доволен репрезентативен примерок за степенот на имунизација врз кој потоа ќе се креираат и градат мерките за превенција
СКОПЈЕ – На пет локации во Скопје а во наредните денови и во сите поголеми градови во државата ќе се одвива скринингот на граѓаните кој треба да ја даде точната слика за степенот на имунизација на населението на коронавирусот.
„Целта е да процениме каква е епидемиолошката состојба во Скопје, односно колку има имунитет кај граѓаните стекнат од вакцинација или од прележување на болест. Ова истото ќе го правиме и низ целата држава, со тоа што ќе биде во соработка со центрите за јавно здравје и трансфузиолошките служби и исто така избирањата ќе бидат по случаен избор на испитаниците. И целта е и на ниво на Скопје и на ниво на Македонија да се процени колкав процент на граѓани имаат хуморален имунитет“, изјави д-р Теодора Брњарчевска од Институтот за имунологија.
Една од локациите за скининг во Скопје беше пред домот „Мајка Тереза“ каде граѓаните даваа примероци за анализа. Локациите намерно не се откриваат за да се спроведе случаен избор и резултатите да бидат што е можно порелевантни. Од граѓаните покрај примерок, се бара и информација за тоа дали се вакцинирани, кога и со колку дози и дали и кога евентуално го прележале вирусот.
Институтот за имунологија минатата година, во Скопје, направи скрининг по случаен избор кој покажа дека секој трет граѓанин има антитела. За овој скринг очекувањата се дека бројките ќе бидат повисоки.
„Сега по една година го поставуваме прашањето околу динамиката на колективниот имунитет т.е. каков е процентот денес. Се разбира дека процентот кој што ќе го добиеме очекуваме да биде повисок, затоашто и поголем број на луѓе прележале, се стекнале со природен имунитет. Оние што се вакцинирале го викаме вештачки имунитет“, вели д-р. Тодор Арсов, Институт за имунологија.
За разлика од Скопје, во другите градови испитаниците, по случаен избор, ќе бидат повикани во Ценатрот за јавно здравје за да им се земе примерок.
А скринингот на учениците, кој го најави министерството за здравство никако да почне, иако веќе тече наставата во второто полугодие. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири нема информација кога ќе почне.
„ Немаме информација од Министерството за здравство, но тие соработуваат со Комисијата за заразни болести. Денеска има состанок, сигурно во наредниот период може да го организираат и скринингот.Важно е дека процесот е во тек и оти со добрата комуникација, децата веднаш по пројавување симптоми не одат на училиште. Сега сме во другата фаза во образовниот процес и мислам дека сите, со добра соработка, ќе можеме да ја поминеме и новата варијанта на вирусот и да дојде крајот на „Омикрон“ во нашата земја“, рече Шаќири.
Во меѓувреме, потврдено е дека три лица се заразени со новата подваријанта на „Омикрон“ позната како „стелт" од кои две се од Скопје, а едно од Струмица.
Од Министерството за здравство информираат дека во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институт за јавно здравје се секвенционирани 41 позитивен примерок на Ковид-19 и од нив 35 биле биле заразени со сојот „Омикрон“, тројца со „Делта“ сојот и трој со новиот подвид „стелт“.
А додека се чекаат резултатите од скринингот, бројките за вакцинација на населението со слаб прогрес.
Според последните официјални податоци на здравствените власти 867 илјади граѓани се вакцинирани барем со една доза вакцина а 845 илјади или 40,9 отсто од вкупното население се целосно вакцинирани со две дози вакцини. Третата или „бустер“ доза ја примиле 132 илјади граѓани.
Во последното деноноќие регистрирани се 465 новозаболени а 21 жртва. Во моментов бројот на активни случаи е 9.699 а досега како последица на компликации предизвикани од коронавирусот починаа 8.768 лица.