Македонските граѓани да избегнуваат патување во Украина, а сите оние кои во моментот се наоѓаат таму, доколу се во можност во најскоро време да ја напуштата земјава, повика Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
Македонските власти велат дека ваквата одлука ја донеле, следејќи ги одблиску состојбите во и околу Украина.
„Сите државјани на Северна Македонија кои во претстојниот период планирале посета на Украина, да избегнуваат патувања во земјата. Дополнително, сите наши државјани кои сега се наоѓаат во Украина, доколку имаат можност, во најскоро време да ја напуштат земјата“, велат од МНР.
Оттаму нагласуваат дека ќе продолжат да ги следат состојбите во Украина и навремено да информираат за евентуални насоки за постапување на македонските државјани.
Апелираат, граѓаните кои се наоѓаат во Украина, а кои сѐ уште не ги оставиле своите податоци во амбасадата, да ја контактираат Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев, со цел доставување на своите податоци.
„Воедно ги потсетуваме сите нашите граѓани, и оние кои се наоѓаат овде и оние кои се наоѓаат во Украина, или било каде, да ги следат и да се информираат од официјалните канали на информирање кои доаѓаат од Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев“, додаваат од МНР.
Нема точни информации, колку македонски граѓани живеат и работат во Украина. Инаку и Стејт депарментот на САД, повторно ги повикува американските граѓани кои се наоѓаат во Украина што побргу да ја напуштата земјата. Во најновиот совет од 10 февруари, се вели „не патувајте во Украина поради зголемените закани од руска воена акција и ковид-19.
Македонските власти, неколку пати досега потенцираа дека во руско-украинскиот конфликт земјава се позиционира на страната на НАТО сојузниците, и оти се стои на страната на суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина.