62 гласа „ЗА“ беа доволни за избор на новата Влада. 46 пратеника беа против. Два дена траеше собраниската седница на која владеачката коалиција и опозицијата си разменија низа обвинувања. Ковачевски најави дека со работа почнува веднаш
СКОПЈЕ - „Верувам дека ќе успееме да работиме и подобро и поефикасно. Верувам дека ќе ја подготвиме нашата држава за новото време. На сите граѓани им посакувам многу здравје, мир и спокојство во семејствата и ветување дека ќе направиме се да ја заслужиме и оправдаме нивната доверба и да обезбедиме подобар живот за сите. Доаѓа ново време, доаѓа подобро време.Да живеат граѓаните, да живее Република Северна Македонија!“.
Со овие зборови претседателот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски, го заврши своето обраќање пред пратениците откако се исцрпија сите говорници на собраниска седница каде единствена точка беше избор на нова Влада и се прејде на гласање.
По два дена жестоки меѓусебни обвинувања меѓу владеачката коалиција и опозицијата, жестоки дебати во кои најмалку се говореше за програмата на Владата која ја достави идниот мандатар, со 62 гласа „За“ и 46 „Против“ пратеници одлучија Димитар Ковачевски да биде нов премиер на Република Северна Македонија.
Во своето кусо обраќање пред пратениците, непосредно пред гласањето Ковачевски кажа дека се надева на конструктивна опозиција и добра соработка со неа. Повторно нагласи дека очекува две и пол годишен мандат и ги исклучи предвременти избори како опција.
„ Најавив и нудам модел на партиципативност и уште еднаш ја повикувам целата опозиција за заедничка работа и консензус за клучните прашања. Нашите граѓани се обединети во барањата за подобар живот. За тоа единствено ќе работиме, и бараме сите да ни се приклучите да ја реализираме таа цел. Да престанат политичките, етничките и социјални поделби, да престане говорот на омраза и на ширење и поттикнување на песимизам. Да ги тргнеме личните и теснопартиските интереси на страна бидејќи сега повеќе од било кога мора да соработуваме во интерес на граѓаните“, рече Ковачевски.
Уште утре тој ќе ја има првата работна средба како премиер а ја пречекува министерката за Европа на Министерството за надворешни работи на Германија, Ана Лирман. Задутре веќе во Скопје во прва и клучна посета на Северна Македонија ќе допатува новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков од која се одчекува барем минимално деблокирање на процесот и преговороите за решавање на спорот меѓу двете држави.
Ковачевски најави дека очекува од неговиот тим работа и исполнување на целите и роковите кои стојат во програмата на Владата.
„Со работа започнуваме веднаш. Веќе на утрешната седница на Владата отпочнуваме со носење на решенијата за енергетската криза. Веднаш потоа, продолжуваме со решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. Ќе се посветиме на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции.Секој министер во својот ресор и целата Влада, имаат јасен и прецизен План за реализирање на поднесената Програма, со рокови и индикатори за следење на реализацијата и ефектите“, рече Ковачевски пред пратениците.
Во Владата на Ковачевски има 21 министер од три политички партии, матичната СДСМ, ДУИ и Алтернатива.
Трите вицепремиери се Фатмир Битиќи за за економски прашања, Бојан Маричиќ за европски прашања и Славица Грковска за борба против корупција и криминал.
Министерство за одбрана ќе го води Славјанка Петровска, Оливер Спасовски останува во МВР, Никола Тупанчевски е новиот министер за правда , Љупчо Николовски се враќа во министерството за земјоделство, Бисера Костадиновска Стојчевска седува во култур а Јована Тренчевска во труд и социјала. Министер за локална самоуправа останува Горан Милевски.
Кај ДУИ речиси и да нема промени. Артан Груби останува во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Бујар Османи продолжува како шеф на дипломатијата, министерство за екологија ќе го води и понатаму Насер Нуредини, во финансии останува Фатмир Бесими (ДУИ) а во економија Крешник Бектеши. Јетон Шаќири од утре ќе го предводи министерството за образование.
Алтернатива ќе ги води здравство каде седнува Беким Сали, Мининстерството за информатичко општество и администрација каде е именуван Адмирим Алити и Џемаил Чупи кој ќе биде министер без ресор задолжен за дијаспората во новата Влада.
Facebook Forum