Линкови за пристапност

Зошто Куба ги спречува противниците да протестираат?


Кубанската полиција во понеделникот распореди голем број трупи во Хавана за да спречи одржување на демонстрации. Полицијата, исто така, ги уапси организаторите на протестот и ги опколи домовите на активистите и независните новинари за да ги спречи да присуствуваат.

Владата на претседателот Мигел Дијаз-Канел го забрани „Граѓанскиот марш за промени“ под обвинение дека е дел од интервенционистички план на САД. Американските власти го отфрлија обвинението. Обвинителството на Куба предупреди дека оние кои се обиделе да ги спроведат демонстрациите ќе бидат затворени.

Еве неколку клучни факти за спречените демонстрации и одговорот на владата.

Кој го организираше протестот?

Групата на Фејсбук наречена Архипелаго, предводена од 39-годишниот драматург Јуниор Гарсија Агилера, го испланирала протестот во понеделникот. Групата побарала официјална дозвола за маршот во септември, но брзо била одбиена. Архипелаго вели дека има 35 илјади следбеници, од кои повеќе од половина живеат во Куба.

На што повикуваа организаторите на демонстрантите?

Организаторите на демонстрациите повикаа на поголеми слободи и ослободување на затворениците, особено на оние кои беа приведени за време на демонстрациите во јули. Стотици демонстранти останаа во затвор по апсењата во јули, соопштија од организацијата.

Зошто Куба го забрани протестот?

Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез го означи протестот како „дестабилизирачка операција дизајнирана во Вашингтон“. Владата рече дека нема да толерира, како што ги нарекува, „контрареволуционерни“ и „терористички“ акти.

Кој беше уапсен?

Кубанската влада уапси истакнати дисиденти неколку часа пред планираниот протест во понеделникот. Агенцијата Франс прес објави дека меѓу уапсените е и опозиционерката Мануел Куеста Моруа; Берта Солер и сопругот на Солер, Ангел Моја.

Што велат САД?

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во изјавата во неделата рече: „Ја повикуваме кубанската влада да ги почитува правата на Кубанците, дозволувајќи им мирно да се соберат и да го искористат својот глас без страв од владина одмазда или насилство“.

Се одржаа ли протести надвор од Куба?

Поддржувачите на кубанската опозиција организираа протести во неделата и понеделникот ширум светот, вклучително и во Мајами, Флорида - дом на големо кубанско население - Колумбија, Чиле, Канада и Шпанија.

Што се случи во јулските протести на Куба?

Кубанската полиција и воените единици беа испратени за да ги разбијат мирните демонстрации кои беа поттикнати од економските тешкотии и барањата за повеќе политички слободи. Илјадници беа уапсени, а многумина сè уште се соочуваат со обвиненија.

Некои информации во овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG