Уставот и собранискиот Деловник ја утврдуваат постапката во ваква ситуација на оставка на премиерот. Според членот 93 од Уставот „Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата и престанува мандатот кога Собранието се распушта. Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада.“
Членот 219 од Деловникот на Собранието нормира дека „Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи“ и дека спикерот веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на државата.
„Согласно Деловникот и Уставот.... Имало постапки во кои откако во собранието се коснтатира оставката, Претседателот на Републиката е должен во рок од 10 дена мандатот да го достави на мандатар кој има обезбедено мнозинство од 61 пратеници. Потоа мандатарот има 20 дена за одлучување, но тоа се ќе зависи откако ќе биде доставена оставката“ вели Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицевски денеска го повтори ставот на лидерот Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да направи ново парламентарно мнозинство. Како, ако се знае дека СДСМ, ДУИ, БЕСА, и другите помалу коалициски партнери имаат тенко, но реално мнозинство од 62 пратеници. Ако ова сценарио за ново мнозинство не успее, ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе оди на опција Б – предвремени парламентарни избори зашто, како што тврди опозцијата, оваа власт го изгубила легитимитетот.
Но, може ниту една од овие опции да не се реализира ако СДСМ и коалицијата го задржат малото мнозинство во парламентот и земјата да се најде во ситуација – на централно ниво да има една владејачка постава, а на локално друга. Но, во оваа калкулација клучно е прашањето кој ќе го наследи Заев кој најави заминување и од премиерската, но и од лидерската позиција во СДСМ. Тој, пред само 7 месеци беше реизбран за претседател на социјалдемократите на директни избори.
Во моментот во врвот на раководството се заменик-претседателката Сања Лукаревска, попретседателите Оливер Спасовски, Мила Царовска, Венко Филипче, Фатмир Битиќи, генералниот секретар Љупчо Николовски, секретарите Бојан Маричиќ и Мартин Попов. Но, прашање е дали можниот наследник треба да се бара меѓу овие имиња, кои како дел од партискиот врв, секако имаат одговорност за слабиот резултат.
Ново-стариот градоначалник на Куманово, Максим Димитривески, кој синоќа победи како независен кандидат зашто неговиот матичен СДСМ не го поддржа за втор мандат најави дека не се откажува од партијата и дека има можни амбиции. „Јас сум убеден социјалдемократ и мојот пат е во насока на социјалдемократијата. Сметам дека СДСМ била и мора да остане државотворна партија. Верувам дека нè очекуваат суштински реформи“ – порача Димитриевски.