Линкови за пристапност

Ѓорѓи Филипов: За 30 години не направивме се’ што треба, но направивме многу


Ѓорѓи Филипов: За 30 години не направивме се’ што треба, но направивме многу
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:06 0:00

Можеме да кажеме дека поминавме еден тежок период, преод од еден политички во друг политички систем и од еден економски во друг економски систем

Глас на Америка: Што направивме во овие 30 години? Како гледате на овие три децении независност?

Ѓорѓи Филипов: Не направивме се’ што треба, но направивме многу. Прво создадовме самостојна и независна држава, Република Македонија, која денес се вика Северна Македонија. Направивме свој парламент, своја влада, свои министерства, армија, полиција, банка, своја валута. Направивме свој Државен завод за патенти, кој ги штити интелектуалните имоти на граѓаните на Република Македонија, а Народната банка води сметка за финансискиот имот. Формиравме наши претставништва во странски земји, во околу 50 земји имаме наши амбасади, а толку земји имаат и свои амбасади во нашата држава. Со еден збор се отворивме како држава, без разлика на голем број на пречки и размислувањата на скептиците дека таа држава нема да издржи и дека брзо ќе се дојде до заклучок, дека нема да може сама и дека ќе бара прибежиште да се приклони кон некоја друга држава. Покажавме дека и покрај сите потешкотии опстанавме и постоиме веќе 30 години. Можеме да кажеме дека поминавме еден тежок период, преод од еден политички во друг политички систем и од еден економски во друг економски систем. Сето тоа не беше едноставно. Затоа пак станавме членка на НАТО, ги обезбедивме нашите надворешни граници, со голем број договори, внатрешни и надворешни, обезбедивме мирен развој понатамошен на земјата. Иако можеби можеше да се направи и многу повеќе, треба да бидеме задоволни од ова што го направивме, за триесет години.

Глас на Америка: Кога велите сепак не направивме се, на што мислите?

Ѓорѓи Филипов: Не станавме членка на ЕУ иако се надевавме. Првите прогнози на првите проценители, испратени во поранешните земји на СФРЈ, заклучија дека само Словенија и Македонија ги исполнуваат сите услови во однос на почитување на граѓанските и малцинските права, базата на кое е формирано општеството. Сепак Словенија одамна е членка на ЕУ, а Македонија се уште е пред вратата. Значи не успеавме да ги почнеме преговорите, што значи не успеавме да ги затвориме сите отворени прашања, не по наша вина. Сите прашања кои ги имаме отворено со соседите, не успеавме да ги затвориме, а тие се еден услов за отпочнување на преговорите со ЕУ и за влез во ЕУ. Се разбира дека можеше да играме поинаку тука. Не успеавме да го надминеме прагот на економски раст од над 6,7 и 10 отсто, барем да стасаме до просекот кој што го имаат земјите на ЕУ. Значи економски можеше и подобро да се развиваме. Не успеавме и правниот систем да го воспоставиме како што треба. Се уште е висока стапката на корупција. Се’ уште судските спорови траат долго. Значи, не успеавме баш квалитетна приватизација да направиме. Не значи дека сме единствени, но тоа е нешто што не успеавме да го направиме и на тоа треба да се работи многу. Исто така не успеавме да развиеме добра инфраструктура особено дома и со соседите. На пример се уште немаме автопат со некои од соседите, немаме железничка врска, а немаме ниту авиосообраќај со сите соседи. Тоа се прашања на кои треба и понатаму да се работи.

Глас на Америка: Кои ќе бидат предизвиците за македонската држава за периодот кој следува? Не очекува решавање и на спорот со Бугарија?

Ѓорѓи Филипов: Останува довршување на некои од договорите кои се потпишани. На пример Грција не прави веќе пречки на отпочнувањето на преговорите со ЕУ, но се уште некои работи не се завршени и од едната и од другата страна. Не е се исполнето. Има време за нивно исполнување и се постојан предизвик и понатаму. Со Бугарија, донесовме декларација од која понатаму нема отстапување. Сега сме на јасно, бидејќи и тие имаат декларација и ние имаме декларација. Од една страна добро е да се знае, кој на што е, од друга страна создава пречки за понатамошните преговори, но тоа е еден од предизвиците кој што ќе биде голем. Треба да го надминеме него за да ги отпочнеме преговорите и за да го исполниме и тој услов. Па, кога ќе влеземе во ЕУ, тоа може да биде многу бргу, но може да биде и многу далечно, зависи од потребите, политичко-социјално и геостратешки кои ќе се развијат во самата Европа и кај нас. Меѓутоа ние треба да се надеваме побргу тоа да го затвориме. Начинот на кој тоа го правиме, очигледно е дека не дава резултати и тука треба да поработиме. Ако ме прашате како да се постигнат тие работи, прво е потребно домашно единство во политичка и стратешка смисла во самото општество. Дома се уште не ни се средени работите иако очигледно, ако некој гледа однадвор, заеднички се целите на сите политички партии, влез во ЕУ и НАТО, соработка со Европа и со соседите. Но за патиштата како да се направи тоа, се уште немаме заедничка стратегија. Треба да се поработи на едно заедничко дефинирање на потребите на граѓаните на Република Северна Македонија, од сите политички чинители во Македонија и врз база на тие потреби и уверувањата што ги имаме, да одбереме правилни постапки, како ќе одиме понатаму, затоа што гледаме барем за овие 30 години, треба да ги цениме, како еден период, кој беше време за учење, да ги оцениме нашите грешки и да не ги повторуваме понатаму. За одредени прашања политичките партии, не треба да гледаат тесноградо, само за своите политички интереси, туку на заедничкиот интерес на сите граѓани. И од таму по дефинирањето на заедничките потреби и верувања, за тие стратешки прашања да делуваат заедно. Ако е потребно и формирање на заедничка Влада, се до реализирање на тие прашања, и отпочнување на преговорите и влез во ЕУ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG