Линкови за пристапност

Пендаровски: „Независноста не ни е подарена, таа е дело на генерации водени од идеалот за слободна и своја држава“


Државниот врв со пораки во своите обраќања на централната прослава на триесетгодишнината од независноста. Од граѓаните и политичарите побараа почит, мир, вредна работа, чесност, посветеност и истрајност без кои државата нема да напредува

СКОПЈЕ -Претседателот Стево Пендаровски, во своето обраќање кажа дека Северна Македонија може да напредува само ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина, и ако е целосно интегрирана во западната заедница на народите.

„Да се има сопствена, независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност. Денес сме собрани да се потсетиме дека независноста не ни е подарена од никого, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. При тоа, се разбира дека одговорноста е најголема кај оние кои ја добиваат честа да ја водат општината, градот, владата или државата. Апсолутно сум убеден дека ако секој од нас се вложи за таа кауза до крај, без остаток, без калкулации, тогаш ќе имаме држава со која сите ќе се гордееме“, кажа Пендаровски.

Денешниот јубилеј, според Претседателот е можност за колективно приспитување на нашата совест.

„Прашањето кое уште во далечната 1903-та го постави Крсте Петков Мисирков за нашата генерација и денес има еднаква тежина: Што направивме и што треба да правиме во иднина? Искрениот и реален одговор е дека ова е прашање за секој еден од нас, но, најмногу за сите досегашни политички раководства, чија одговорност е далеку најголема и пред предците кои ги оставија коските по планините за да ја направат оваа држава, не помалку за нашите деца и внуци, за нашата младост“, нагласи претседателот Стево Пендаровски.

Во своето обраќање порача дека во иднина мора повеќе меѓусебно да се почитуваме и политиката да се сфати како борба за идеи и концепти а не на живот и смрт.

Пендаровски истакна дека треба да вложуваме во квалитетно образование, да инвестираме во здравствениот систем, да го негуваме културното и историско наследство и да вложуваме во новата генерација уметници кои не се подолу од врвните во светот.

Премиерот Зоран Заев пак во своите обраќање ги повтори пораките на првиот претседател Киро Глигоров и премиер Никола Кљусев како и возијата на претседателот Борис Трајковски - мир и просперитет.

„Денес, Северна Македонија има сосема извесна европска иднина, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите нејзини граѓани. Работите се менуваат кон подобро. Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите. Едно, единствено и еднакво. Од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, сега сме позитивен пример, модел што другите сакаат да го следат. Ги решаваме проблемите, не бегаме од нив. Создаваме нови односи со соседите. Пријатели сме со сите. Ја зајакнуваме соработката“, рече премиерот Заев.

Тој нагласи дека продолжува процесот на градење на државата како едно и еднакво општество за сите, општество на мир и просперитет низ меѓусебна почит и разбирање.

„Северна Македонија е земја на сонцето. Земја на светлината. Народот и поетите тука пееја дека секогаш со орелски крилја им се враќаат на Охрид и Струга за да ја загрејат душата додека сонцето светло зајдува зад горските убавини. Тука каде што дарбите природата со сета раскош ги дарила. Да си ја чуваме оваа убава држава. Да си ја чуваме светлината дадена од пред векови и векови, и да останеме деца на светлината. Застапници на добрината, на честа, на достоинството, на почитта кон другиот, на добрососедството“, порача премиерот Заев.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој службено е отсутен од државата, пред присутните се обрати имаше видео обраќање во кое кажа дека во измитатите 30 години иднината некогаш јасно се гледала а некогаш било тешко да се види светлост на крајот од тунелот а предизвиците не научија дека еднаш добиена држава не значи гарантирана држава. Охридскиот договор го цени како тежок предизвик но успешно надминат а членството во НАТО како огромен успех.

Тој порача дека имаме една заедничка држава и декасите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија.

„Да градиме општество во кое сите ние, сега и во иднина ќе се чувствуваме рамноправни, почитувани, еднакви пред законот и правдата, едноставно, ќе се чувствуваме свои на своето, затоа што сите заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во држава во која почитувањето на човековите права и слободи е природно и универзално право без преседан. Заедно ќе се радуваме и ќе плачеме за сите победи и порази, за сите блескави и не толку блескави моменти, затоа што тоа е да бидеш едно, тоа е да бидеш заедно“, кажа спикерот Џафери.

Опозициската ВМРО - ДПМНЕ која немаше своја делегацијана централната прослава и организираше своја во Битола, очекувано со критики. Изминатите 30 години се разочарување и време е за големи исчекори напред, е пораката која ја испрати лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

„Можам со горко чувство и со тага во мене да соопштам дека овие 30 години ги разочаравме основачите на независноста на државата. Не го исполнуваме како држава во целост нивниот завет. А зад ова што го говорам е чувството дека по малку, чекор по чекор се губи државата. А работите се вртат во еден ист круг. И не ми е целта да правам лов на виновници за тоа, сите вие добро знаете што се случуваше овие 30 години и кој и што направи, туку целта ми е да посочам дека мора да дојде крај на вртењето во еден ист затворен круг и да се направат големи исчекори напред. Потребно е да се има мудрост, како што беа мудри и Глигоров и Кљусев, како што мудро се водеше политиката од експертската влада која ја застана на нозе земјата. И низ бури и низ премрежја не дозволија темелите да бидат разнишани“, рече Мицкоски.

Централната прослава на 30 годишнината од прогласувањето на независност се одржа попладнево пред Собранието со музиќка програма и дефиле на културно уметнички друштва, здравствени работници, пожарникари, рудари, спортски работници и припадници на МВР и АРМ.

„Нивното дефиле пред гостите ја отслика Република Северна Македонија како држава од народот и за народот, нашата мултикултурна традиција и нашата европска определба, институциите на државата посветени на благосостојбата на граѓаните на нашата земја“, соопштија од Влада.

Македонија прогласи независност откако успешно го спроведе референдумот на 8 септември 1991 година на кој граѓаните се изјаснуваа на прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. Според конечните, официјални резултати од 1.495.626 гласачи, на Референдумот излегоа 1.021.880 или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95,09 отсто гласаа за самостојна и независна Македонија.

Вечерта на 8-ми септември 1991-та, претседателот Киро Глигоров, во придружба на премиерот Никола Кљусев, бројни политичари и граѓани, соопшти дека народот успешно гласаше за самостојна македонска држава.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG